Во земјотрес на Филипини четворица загинати, десетици повредени

Спасувачките екипи на југот на Филипини трагаат за преживеани после земјотресот со магнитуда од 6,5 степени во кој четири лица загинаа, а десетици се повредени и причинета е значителна материјална штета.

Жителите на крајбрежниот град Сурига, на островот Минданау, ја минаа ноќта во страв од тресењето на земјата после силниот земјотрес кој се случи во петокот доцна вечерта.

Минданао е околу 700 километри од Манила, филипинската престолнина.

Потресот со магнитуда од 6,5 се случи на длабочина од 27 километри, извести американскиот геолошки завод.

Епицентарот бил во морето, 14 километри северно од Сурига, објави филипинската сеизмолошка служба. Службата за тревога од цунами на Тихиот океан не се огласи за опасност.

Најмалку 75 лица се повредени, од нив 14 се во тешка здравствена состојба, информираа официјални лица од цивилната заштита.

Многу згради се оштетени, а некои се срушија, изјави Росарио Армел Гонзалес од бригадата за цивилна заштита.

Се сруши и мост, а два други се оштетени, како и пистата на аеродромот во Суригао, заради што летовите се пренасочени на други аеродроми.

Филипини се наоѓа на „огнен прстен“, каде што се спојуваат тектонски плочи, поради што потресите и ерупциите на вулканите не се реткост.

Во последниот разорен земјотрес со магнитуда од 7,1 кој во октомври 2013 година го погоди средиштето на Филипини загинаа 220 луѓе.