Во очекување на позиционирањето на Алтернатива – СДСМ најавува Влада „Заев 3“, а ВМРО-ДПМНЕ бара оставки

LinkSense.mk

Потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи смета дека наскоро ќе добиеме „Заев 3“ Влада, повторно предводена од Зоран Заев, со тоа што ќе се сменат шест-седум министри.

За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак вистинското прашање не е дали, туку кога оваа Влада ќе падне.

Биљал Касами, претседателот на Движењето Беса, вчера потсети дека партиските органи одлучиле да останат дел од опозицијата. Тој не ја исклучува можноста за идна соработка ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, но категорично одбива да бидат дел од Влада во која би била и ДУИ.

Алтернатива следната недела ќе реши дали ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство, а одлуката за тоа дали партијата ќе влезе во Владата ќе биде донесена по најавената средба на партискиот лидер Африм Гаши со премиерот Зоран Заев.

Вицепремиерот Битиќи вчера за „Утрински брифинг“ изјави дека реконструкција на Владата е добра и треба да има одредена промена на кадрите. Нова влада или реконструкција на Владата, како што нагласи, подразбира преговори меѓу коалициските партнери за распределба на нови ресори, кои може да бидат комплицирани.

– Сите треба да преиспитаме зошто сме изгубиле. Сите во владејачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен. Секој разумен политичар ќе се преиспита после ова. Одлуката на ДУИ е нивна одлука, но не е штета за владеењето ако има нови кадри оти тие носат нови решенија, вели вицепремиерот за економија.

За процедурата за оставката на претседателот на СДСМ Зоран Заев, Битиќи информира дека Централниот одбор само побарал да се одложи одлуката за оставката. Според него, оставката од Заев е висок демократски чин.

Од друга страна, премиерот Заев потсети дека оставките на функционерите на Движењето БЕСА се уште не се верификувани, што априори значи дека тие се уште се дел од Владата.

– Нормално дека БЕСА е дел од Владата. Собранието ја нема констатирано оставката на министерот Арјанит Хоџа, ниту пак на другите раководни лица од БЕСА. Затоа е и логично дека се дел од Владата, изјави Заев за „Слободен печат“.

Дека БЕСА се уште е дел од Владата, смета и пратеникот Кастриот Реџепи, кој не се појави на собраниската седница на 11 ноември за гласање доверба на Владата.