Во Скопје состанок на меѓувладината работна група за европска соработка

LinkSense.mk

Во Скопје денеска продолжува со работа и активности меѓувладината работната група за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото. Состанокот на работната група ќе го отвори вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, како копретседавач, пренесува МИА.

Како што најавија од СЕП, на посебна сесија, заедно со Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Маричиќ ќе биде дел од сесијата на тема „Партнерство со граѓанските организации“, на која со нивната бугарска колешка, заменик претседателка на Владата за добро владеење Калина Константинова, ќе дискутираат за следните чекори во активностите за системско вклучување на граѓанскиот сектор во сите работни групи и за проекти на кои граѓанските организации од двете држави можат заеднички да работат.

На посебни паралелни состаноци ќе разговараат на тема правосудство и антикорупција, министерот за правда Никола Тупанчески со бугарскиот заменик министер за правда, Борислав Ганчев.

За следните чекори за реализирање на двегодишната Програма за имплементација на Договорот за заштита на животната средина и управување со водите ќе ги дефинираат на денешниот состанок министерот Насер Нуредини со Борислав Сандов, заменик претседател на Владата за климатски политики и министер за животна средина и води на Република Бугарија.

Дополнително, информираат од СЕП,  вицепремиерот Маричиќ на средбата ќе ја отвори и темата за Меморандумот за соработка во делот на ЕУ интеграции и Зелената агенда.

За време на средбата, како што е најавено, ќе биде потпишана и Декларација за заемна соработка помеѓу Министерството за електронско управување на Бугарија и Министерство за информатичко општество и администрација на Северна Македонија од страна на Божидар Божанов и Адмирим Алити.

 

МИА