Во Теарце уапсени две лица за поткупување гласачи

Во Теарце се уапсени две лица поради основано сомнение дека вршеле изборни притисоци и поткуп на гласачи во пресрет на утрешното прегласување во избирачкото место 2011 во оваа општина, пренесе Цивил медиа.

Нема конкретни информации за кои лица станува збор и во чиј интерес нуделе пари на жителите на Теарце.

Во тек е истрага за утврдување на вмешаност и на други лица во случајов.

Од организацијата „Цивил“, која е во фаза на постизборно набљудување и во општина Теарце распореди набљудувачи веднаш по одлуката на Управниот суд за прегласување на избирачкото место 2011, претходно информираа за утврдени изборни нерегуларности.

„Овие денови во оваа општина има обиди жителите да се обесхрабрат за гласање, да ја намалат излезноста на овие избори, односно на прегласувањето, во недела, на 25-ти декември. Има доста индикации, има веќе и сведоштва“, изјави претседателот на Цивил, Џабир Дерала.

Според Дерала, во тек било обезбедувањето докази за вмешаност во вакви дејства на одредени политички партии и дека имале докази за тоа оти таму, апстинирањето од гласање во недела, чини меѓу 3.000 и 6.000 денари.