Во тетовскиот регион четири активни случаи на Ковид-19 меѓу здравствените работници

Од целокупниот персонал на лекари и медицински сестри во јавното и приватното здравство според Министерството за здравство на подрачјето на поширокиот тетовски регион досега има 13 регистрирани случаи кои имале позитивен тест на Ковид-19. Деветмина од нив веќе се оздравени.

– Досега во подрачна единица Тетово се регистрирани 13 заболени здравствени работници, девет од нив се веќе оздравени. Во моментов има четворица здравствени работници позитивни на вирусот, информираат од Министерството по нашето барање за информации.

Вкупна бројка на медицински персонал не евидентира ни една институција. Клиничка болница Тетово има 234 лекари и 378 медицински сестри, додека Здравствен дом Тетово има 44 лекари и 89 медицински сестри и техничари. Во подрачната единица на Фондот за здравство се евидентирани вкупно 181 приватна ординација од областа на општа медицина, стоматологија и гинекологија. Во Тетово има и Центар за јавно здравје како и ординации кои немаат договор со Фондот за здравство и целосно работат приватно.