Во француски Лил бандите спроведуваат закони

Повикани да го угасат пожарот во намерно запаленото основно училиште во Лил, пожарникарите биле нападнати од сите страни со исфрлени проектили од лансерни рампи за огномет и крупни камења.

Нападите врз пожарникарите, но и врз полицајците и сите оние кои ја претставуваат државата во немирните француски квартови претставуваат дел од секојдневието.

Јавноста е згрозена, затоа што овој пат на мета било основно училиште. Пожарот бил голем, зафатил третина од објектот што се простира на 600 квадратни метри. Веднаш откако се појавиле, пожарникарите кои дошле да помогнат и да се спаси се што е можно од огнената стихија, биле каменувани.

Атмосферата, велат очевидци, била многу напната. Пожарникарите ја алармирале полицијата која, исто така, добила свое „следување“, но сепак успеала да ја смири состојбата, па огинот бил локализиран.

На мета на напади понекогаш се и поштарите, екипите на Итната медицинска помош, погребалните превозници…

Овие денови претседателот Макрон излезе на терен, со намера да посвети повеќе внимание на овој проблем.

Според неодамнешното истражување на јавното мислење, дури 65 отсто од Французите сметаат дека безбедносната ситуација во земјата се влошила. Доволно сигурни не се чуствуваат 70 отсто од населението.