Во функција пет мерни станици за ПМ10-честички, тендер за уште пет

Сите мерни станици што мерат концентрации на ПМ10-честички, односно квалитет на воздухот, од оваа сезона треба да бидат во функција.

Од десетте што беа надвор од системот, пет се во функција од петокот, а останатите пет се во фаза на набавка.

Ова го соопшти државната секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска одговорајќи на новинарски прашања на конференцијата „Акција против климатски промени „СЕГА!“ што се одржува во Скопје.

„Мерните станици се во фаза на ревитализација. Пет пуштивме во петокот што беа испуштени во систем, а за другите пет се во фаза на набавка, што значи дека веднаш кога ќе го завршиме процесот на набавка ќе ги ставиме во функција сите инструменти што мерат ПМ10 честички“, изјави Петровска.

Во функција се мерните станици Битола 2, во Куманово, Тетово, во скопската општина Ѓорче Петров и во Гази Баба, која работи од почетокот на септември.

За останатите пет мерни станици во тек е тендерската постапка и се очекува таа да заврши на крајот на ноември, почеток на декември, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во текот на минатата зима, кога загадувањето на воздухот е најголемо, голем дел од мерните станици не беа во функција.