Вучиќ од Охрид: „Направивме мал Шенген“

Српскиот претседател Александар Вучиќ утринава во Охрид истакна дека досегашните разговори со македонскиот премиер Зоран Заев и со албанскиот премиер Еди Рама биле „многу добри“ и дека првиот видлив договор ќе биде полесен премин преку граничниот премин Прешево.

Вучиќ за РТС изјави дека „ова се тектонски промени кои ќе влијаат на привлекувањето странски директни инвестиции затоа што инвеститорите сакаат стабилност и голем пазар.“

Како што посочи, Прешево е трет важен премин за Србија, по Батровци и Градина, а одлуката фитосанитарна инспекција да работи 24 часа дневно тројно ќе го забрза поминување на камиони со стоки од двете страни и ќе ги намали оперативните трошоци.

Тој најави дека со мали измени на законите, истата дозвола за работа може да важи за сите три земји и дека ќе се усогласи признавањето на квалификациите, што, додаде тој, „ќе ни користи бидејќи имаме проблеми со работната сила, а истовремено ќе создава добар инвестициски амбиент затоа што испраќаме порака за стабилност и слобода на движење на простор каде живеат 12 милиони луѓе“.

„Намерата е, доколку влезете на аеродромот во Белград, да не ви требаат посебни документи за Албанија или Кога ќе слетате во Скопје, да не ве прашуваме како стигнавте таму. Мора да има што е можно помала документација и што е можно помалку гранични проблеми. Ова е еден вид „мини Шенген“, рече Вучиќ.

Тој најави дека трите држави ќе можат заедно да креираат туристички рути, дека може да се посетат Белград, Копаоник, Златибор и Охрид или Драч, наеднаш, што, додаде тој, особено е привлечно за азиските туристи.

Претседателот на Србија поради ваквите одлуки очекува притисок и покрај тоа што ова биле прокламираните цели на „Берлинската конференција“. Тој очекува дека нападите ќе бидат најразновидни, но додаде дека „не му е грижа што ќе се каже, затоа што знае дека ова е добро за луѓето во Србија“.

„Сега работиме се што бараше ЕУ, но сами“, дециден е Вучиќ.