ВУЧИЌ ЈА ОТВОРИ ДУШАТА: „Ако некој мисли дека може подобро, се повлекувам“

LinkSense.mk

Српскиот претседател и лидер на СНС, Александар Вучиќ, им рекол на своите колеги дека е подготвен да се повлече „ако некој мисли дека може подобро“, откако партискиот врв на „прогресивците“ вчеравечер „ги запозна за притисоците на Западот врз Србија во врска со Косово“, објавија блиски провладини медиуми.

Во текот на денот треба да се одржи седница на српската влада на кој ќе се разговара за предлогот за Косово.

Партиското раководство на „прогресивците“ се сретна во пресрет на денешната седница на Владата, на која Вучиќ беше поканет да извести за разговорите со претставниците на САД и Европската унија, по што најави дека ќе и се обрати на јавноста во 20 часот.

Несогласувањата во таборот на „прогресивците“ и медиумските извештаи за, наводно, најавеното повлекување на Вучиќ може да се толкуваат како создавање атмосфера во која српскиот претседател треба да ги преземе чекорите што од него ги очекуваат Вашингтон и Брисел во однос на Косово, како и усогласување со надворешната политика на ЕУ и воведувањето санкции против Русија.

Вучиќ во петокот, после средбата со претставниците на САД и ЕУ, изјави дека Србија е подготвена да го прифати концептот на европскиот план и да работи на спроведувањето на предложениот договор за дијалог со Косово.

Тоа на новинарите посредно им го потврди и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, велејќи дека Вучиќ „покажал одговорен пристап“ и „подготвеност да донесе тешки одлуки во интерес на мирот и европската перспектива на Србија“.

Вучиќ на новинарите им рече дека во разговорот со американско-европската петорка покажал „секаква загриженост и резерва“ за „едно важно прашање“, но не прецизираше за што се работи, инсистирајќи дека не може да зборува за тоа бидејќи планот не е јавен.

После тој состанок, Вучиќ се најде под притисок на дел од опозицијата, од забелешките дека не може да биде соло играч за важни прашања за државни и национални интереси и барања пред парламентот да ја објасни суштината на предлогот, до инсистирања што е можно поскоро да го потпише договорот.

Радио Слободна Европа (РСЕ) објави, повикувајќи се на планот на ЕУ во којшто претходно имале увид, дека овој документ има еднаков пристап до страните и предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница во Косово.

Во документот, наведува РСЕ, експлицитно не се споменува меѓусебното признавање или членството на Косово во Обединетите нации, на што инсистира Косово.

Усогласен став за решавање на косовското прашање немаат ниту високите функционери на партијата на Вучиќ, која ги контролира владата и парламентот.

„Поедини функционери се обидоа, како што дознаваме, да ‘мудруваат’ и да кажат дека понатамошните преговори со ЕУ и САД (за Косово) не треба да се прифатат ниту случајно“, објави порталот „Пинк“, тврдејќи дека Вучиќ „сето тоа трпеливо го слушал, а потоа порачал дека ќе се повлече ако некој мисли дека може и знае подобро“.

Рекол дека „ако народот ги одбие преговорите и ако некој мисли дека треба економски да ја уништиме државата“, тој водството „ќе го препушти на попаметни луѓе од себе“.

Речиси идентичен текст за средбата на врвот на СНС објави и портал „Информер“, близок до Вучиќ.

Одредени белградски медиуми пред средбата со американско-европската петорка, тврдеа дека Србија е пред ултиматум, или ќе го прифати планот на Берлин и Париз за Косово или ќе се соочи со последици кои не исклучуваат и санкции.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)