Германските власти имаат намера да ја удвојат квотата за вселување на неквалификувани работници од регионот на Западен Балкан, се вели во новиот предлог-закон, пишува новинската агенција ДПА. Во иднина треба да бидат до педесет илјади годишно.
Во прашање е таканареченото „правило на Западен Балкан“, кое предвидува повластен пристап до германскиот пазар на труд за граѓаните на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Албанија и Косово.
Според важечките закони, имено, од целиот свет може да се досели „стручна“ работна сила. Единствено луѓето од Балканот можат да добијат работа и работна виза, дури и ако работат надвор од својата професија или се без стручна спрема.
Тоа правило е осмислено после првиот бран на бегалската криза во 2015 и 2016 година, бидејќи меѓу барателите на азил, покрај Сиријците, имало и бројни државјани на Србија, Босна и Херцеговина и Косово. Идејата на Берлин е, наместо безнадежно да бараат азил, да им се овозможи на луѓето од регионот полесно да најдат работа во Германија.
Ова не е единствената измена на законот што се подготвува. Новите правила треба да „се спротивстават на драматичниот недостиг на работна сила во бројни гранки“, оценува ДПА.
Во тие промени спаѓа и таканаречениот „билет за шанса“, односно можноста луѓето едноставно да се преселат во Германија и таму, на лице место, да бараат работа. За тоа време имаат право да работат со скратено работно време надвор од својата професија, за да заработат за живот.
„Билетот за шанса“, пренесува ДПА, би требало да се доделува по новиот систем на бодување, на секој што ќе собере шест поени.
Четири бодови добива одредена стручна квалификација, три бода со добро познавање на германски јазик или тригодишно работно искуство, два бода ако лицето е помладо од 35 години и еден бод ако претходно легално најмалку шест месеци престојувало во Германија.
Германија ја мачат демографски промени и голем број слободни работни места. Се смета дека е неопходно доселување на околу 400.000 луѓе годишно, за да функционира економијата, здравството и грижата за старите лица.
Притоа, секогаш со едно око се гледа на Западен Балкан, како на и понатаму завиден резервоар за работна сила. Но, со тоа, пак, се продлабочуваат огромните демографски проблеми на Балканот, кои ги открија последните пописи на населението.