Германија ја реафирмира поддршката за преговори на ЕУ со С Македонија, Софија бара смирување на емоциите

– Германија ја реафирмираше поддршката за отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија со ЕУ. Бугарија пак со порака да се смират емоциите на релација Софија – Скопје и да се најде решение, за што е неопходно враќање на довербата. но и со укажување дека илузорно е да се верува оти евентуална смена на власта по изборите во март, би ја омекнала позицијата на Софија за разликите со Скопје.

Амбасадорката на Германија во земјава Анке Холштајн вчера изјави дека отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ треба да се случи и оти се надева дека ќе успее да го постигне тоа оваа година.

-Нема друга атернатива. Исполнети се сите услови од страна на Северна Македонија, изјави Холштајн по предавањето донација од возила и опрема за граничната полиција.

Според неа, во текот на следните недели многу е важно да има соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија во оние области и сегмени каде нема разлики во мислењата, со што, вели, ќе се докаже дека постои добра соработка. Во рамки на тројното претседателство со Португалија и Словенија, германската амбасадорка најави дека ќе продолжат со напорна работа со цел постигнување отворање на пристапните преговори со земјава.

– Како и претходно и понатаму немаме план Б. Она што преостанува е отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, преостанува продолжување на разговорите за пристапување, изјави Холштајн

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за софискиот весник „Труд“ вчера изјави дека емоциите мора да се смират, и во Скопје и во Софија, и да се најде решение. Таа смета дека излезот од сегашната ситуација во односите меѓу Скопје и Софија лежи во враќањето на довербата.

– Ние работиме во оваа насока. Не застанавме, не се откажавме во никој случај. Ние работиме заедно на јасен план во спроведувањето на нашиот договор – да го надополниме изгубеното време. Постојат многу практични и јасни обврски што двете страни мора да ги прифатат, мора да има јасна определба дека работата на заедничката историска и образовна комисија повеќе нема да престане еднострано. Ние сакаме да видиме заложби, какви и одлуки да се донесат, тие не треба да останат само на ниво на одлуки на членовите на комисијата, туку да станат јавни, да влезат во учебниците. Се надевам дека кога ќе се вратиме на нашите заложби, ќе се врати довербата, наведува Захариева.

Според неа, излузорно е да се верува и дека при евентуална смена на власта во Бугарија по изборите во март, Софија би омекнала во својот став кон земјава и би отстапила од некои од своите барања.

– Ова се слуша од минатата година. Но, ретко, многу ретко, бугарскиот Парламент донесува едногласна одлука за кое било прашање. Ова беше случај со Рамковната позиција за Република Северна Македонија. Така што не очекувам нешто такво, истакнува Захариева повторувајќи го ставот дека поддршката за европската перспектива за Република Северна Македонија не е безусловна.

Во меѓувреме, во наредниов период се очекува властите во Скопје да ги разгледаат коментарите што пристигнаа од Софија на македонскиот предлог Акциски план, по што ќе биде изградена јасна позиција на земјава во обид за враќање на довербата меѓу Северна Македонија и Бугарија и одблокирање на нашиот европски пат.

По посетатата на Софија во понеделникот, на специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, и неговата средба со шефицата на дипломатијата Захариева, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека Бугарија предложила „акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство“ и оти документот се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на следниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот).

Меѓутоа, шефот на дипломатијата Бујар Османи појасни дека тоа што е добиено од Софија всушност е бугарско гледање на нашиот Акциски план, односно „размена на идеи по однос на тој план“.

Предлог Акцискиот план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година земјава го достави до Бугарија кон крајот на минатата година.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вчера ја повика Владата да го покаже документот од, како што рече, „12 точки“ за кој преговара со соседна Бугарија, а премиерот и надлежните министри да се охрабрат и да присуствуваат на дебатата во Парламентот што ја организира опозицијата. Тој, на новинарско прашање на прес-конференција, рече и дека останува на ставот дека со Бугарија се разговара за македонскиот идентитет.