Германците бегаат од угостителството поради страв од корона вирусот

LinkSense.mk

Пандемиската криза ги избрка работниците во Германија од угостителството и ги поттикна да бараат работа првенствено во малопродажбата и логистиката, покажа истражувањето на Германскиот економски институт. Само во 2020 година од угостителството си заминале 216 илјади работници, утврдиле економистите од Институтот.

Речиси 35 илјади од нив најдоа нова работа во малопродажбата, каде супермаркетите како што се „Алди и Лидл нудат почетна плата од најмалку 14 евра за час. Околу 27 илјади луѓе се преселиле од угостителството во транспортниот и логистичкиот сектор, меѓу другото, и на работното место доставувач, а отприлика исто толку се приклучиле на секторот за деловно управување, на работното место секретарки и секретари.

Според истражувањето, угостителството го напуштиле главно работниците со скратено работно време и оние со договори на определено.

Во ниту еден друг сектор за вработување падот не е толку силен, ниту во апсолутна ниту во релативна смисла“, велат авторите на студијата, Аника Јансен и Пола Рисиус.

Здружението на баварските хотели и ресторани повикува на целна политика на доселување во Германија за да се реши проблемот со егзодусот на работниците.

Граѓаните од земјите од Западен Балкан треба, на пример, побрзо да добиваат дозволи за престој, за да работат во Германија. Треба да се забрза процесот на доделување визи за апликантите од земјите кои не се членки на ЕУ, изјави генералниот директор на здружението, Томас Геперт.

Верувам дека нема да можеме да го пополниме недостатокот со локални работници, порача Геперт.