Данска го спроведува социјалниот експеримент на векот. Таква оценка може да се прочита во данските весници, но и во други големи западни медиуми кои се заинтригирани како Данска, позната како држава на благосостојба со напредни социјални програми, има намера да го реши проблемот со имигрантите, за кои данските политичари процениле дека се премногу гетоизирани и дека на тој начин прават „паралелни општества“. Во основа, се работи за модерен концепт на „хумано“ преселување, бидејќи на дел од данските граѓани и политичари не им се допаѓа тоа како им изгледаат населбите со претежно имигрантска популација.
„Општеството на благосостојба фундаментално е заедница заснована на меѓусебна доверба во која сите придонесуваме. И сето тоа е сериозно предизвикано од паралелни општества“, рече на состанокот на општините данскиот премиер, Мет Фредериксен.
Во основа, Данска почнува од имигрантите да очекува целосна вредносно-културна интеграција, а истовремено им негира некои од основните права загарантирани на сите други граѓани.
Данска има намера да спроведе контроверзен закон со кој се наложува намалување на станбениот простор во локалните социјални станови за 40 отсто до 2030 година, но тоа не се однесува на сите локации што можат да се наречат гета, туку на населбите каде што повеќе од половина од жителите се од незападно потекло и имаат ниски просечни примања, низок степен на образование, голем број невработени и натпросечна стапка на криминал. Кога би се работело за светлокосите сиромашни Данци, критериумите за дефинирање на „паралелно општество“, односно неприфатливо гето, во спроведувањето на новиот експериментален закон, би биле игнорирани. Затоа, Данска спроведува закон заснован на етничко-расна селекција, пишуваат медиумите.
Што значи „гето пакетот“?
„Илјадници луѓе ќе мора да ги напуштат своите домови во наредните години како резултат на таканаречениот гето-пакет.
Планот е да се инвестираат милијарди круни во уривање на јавните станбени објекти, подготовка на станбени објекти за продажба на приватни поединци и претворање на семејните социјални станбени објекти во поатрактивни објекти за млади или постари лица. Целта е таканаречените гета да се претворат во обични станбени подрачја без премногу луѓе со социјални проблеми како невработеност и криминал. Сега, за прв пат, на картите е одредено колку луѓе во 15-те „тврди гета“ ќе бидат погодени од опсежниот план. ‘Мандаг Морген’, во соработка со 15 станбени подрачја и низа општини, пресмета дека вкупно ќе бидат погодени 11.000 лица. Станува збор за семејства, парови и самци кои во годините што доаѓаат ќе треба да најдат друго место за трајно живеење. Освен тоа, за повеќе од 5.500 луѓе треба да се најде привремено сместување додека не се реновираат нивните домови“, објаснуваат од „Комунал“.
„Јасно е дека има такви кои ќе треба да се иселат од блоковите што ќе се рушат. И разбирам дека може да изгледа наметливо. Но, постои природна замена од 8-12 проценти годишно на жителите кои се иселуваат. Многумина живеат и со краткорочен договор. Ниту со нив нема предизвици. Значи, бројот на оние кои ќе бидат насилно иселени е нешто помал – вели Кааре Дибвад Бек за деловниот неделник „Мандак Морген“.
Најголемиот страв на критичарите на големиот дански социјален експеримент со имигрантите е прашањето дали ваквото решение би можело да го зголеми проблемот токму кај делот од имигрантската популација кој е најчувствителен; меѓу најсиромашните и најмалку образованите.
Со оглед на тоа дека планот на данската влада треба да го спроведат специфични дански задруги за управување со населбите и зградите, некои од нив жестоко се борат нивните имоти да не се приклучат на веќе утврдената листа од 15 ноторни гета или, како што „од околу“ ги нарекуваат данските политичари, „паралелни општества“.
Нивна одговорност е да исплатуваат надокнади, да создадат посебни центри за работни места во опкружувањето и буквално од врата до врата да ги викаат членовите на имигрантските семејства на едукација каква што има земјата оид каде што доаѓаат.
Идејата е радикално да се промени составот на населението, нивното образовно ниво и социјалниот статус, така што гетото повеќе не би било гето.
Некои од политичарите објаснуваат дека тоа е обид за целосно и вистинско интегрирање на имигрантите во данското општество.







