Градбата на Панорамското тркало времено ќе запре

LinkSense.mk

Панорамското тркало, споменикот на Мајка Тереза, Офицерскиот дом и уште десетина други објекти, времено ќе прекинат да се градат. Шпанските скали, катната гаража кај „Автомакедонија“ и улицата на Кеј, пак, нема да почнат со изградба.

Советот на Општина Центар поништи четири урбанистички плана, „Централно градско подрачје – Мал Ринг“, „Голем ринг – Јужен дел – Исток“, „Голем Ринг – Јужен дел – Запад“ и „Централно зеленило покрај река Вардар – Јужен дел“.

Со оваа одлука ќе бидат поништени сите издадени одобренија за посочените градби, а инвеститорите ќе бидат обврзани да отпочнат постапка за нови дозволи што ќе бидат издадени врз основа на претходно важечкиот ДУП.

За одобренијата издадени и потпишани од Град Скопје, или од Министерството за транспорт и врски Општината ќе поведе судски постапки.

За поништување на ДУП-овите гласаше мнозинството на Советот, предводено од коалицијата на СДСМ, додека од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.

Оние инвеститори на објекти кои отпочнале постапка за обезбедување одобрение на градба, а ќе бидат „зафатени“ од некој од поништените ДУП-ови, ќе бидат обврзани да обезбедат нова дозвола за градба, а во случај да бидат оштетени од старо-новиот план, ќе можат да ја тужат Општината.