Градоначалникот на Венеција со срдечен апел до туристите да се вратат во градот

Градоначалникот на Венеција Луиџи Бруњаро упати сензационална молба до туристите денес да се вратат во градот, штом се укинат ограничувањата за пандемијата од новиот коронавирус, јави ДПА.

– На секој што има можност да патува во наредните месеци, велам:

Дојдете во Венеција! Ќе му помогнеш на светот да даде знак за обновување, чиј почеток ќе биде убавината и културата“, напиша градоначалникот на Венеција на Твитер.

Градот зависи од туризмот, но тој замре како резултат на карантинските мерки воведени во Италија за борба против новиот коронавирус.

Сепак, Венеција се соочуваше со сериозни проблеми пред да избувне пандемијата на крајот на февруари, бидејќи силната поплава во ноември обесхрабри многу туристи да го посетат градот.

Бруњаро даде прес-конференција, на која ја повика централната власт за помош и инсистираше на проширување на бенефициите за невработеност за оние што се вработени во туристичкиот сектор.

– За жал, се соочуваме со социјална бомба која веќе е активирана, изјави градоначалникот пред весникот „Кориере дел Сера“ пред конференцијата.

Во моментот, Италија е затворена за туристи од странство и само луѓе за работа можат да влезат во земјата. Нејасно е кога ограничувањата за патувања ќе бидат повлечени.