Грлиќ Радман: Отворање преговори со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро

Северна Македонија и Албанија ги исполнија сите критериуми за отворање на пристапните преговори, а Косово заслужува визна либерализација. Тоа го нагласи денеска во Луксембург, хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.

„Албанија и Северна Македонија ги исполнија сите критериуми и веруваме дека треба да се отворат пристапни преговори со нив што е можно поскоро, изјави хрватскиот министер по пристигнувањето на состанокот на Советот за општи работи.

Министерот Грлиќ Радман рече дека Косово треба да добие визна либерализација што е можно поскоро и дека Хрватска силно го поддржува тоа.

Советот за општи работи, составен од министри за надворешни на држави членки, разговара за подготовките за претстојниот самит на ЕУ во Брисел в четврток и петок, миграцијата, проширувањето и Процесот за стабилизација и асоцијација.

Португалското претседателство ќе известува пред министрите за работата на Конференцијата за иднината на Европа.