Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и на локалните избори

Начелно помеѓу партиите, преку нивните претставници, договорено е изборите да се одржат на 15 октомври, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Oдговарајќи на новинарско прашање тој рече дека се надева дека СДСМ нема пак да бара одложувања, како што тоа го правеше во минатото.

„Јас се надевам дека СДСМ овој пат нема да промени или да отстапи нешто, како што знаеше тоа често да го прави во минатото, кога ќе видеше дека губат, па да пролонгираат, да бараат причини, алиби. Се надевам дека ќе размислат уште еднаш за предвремени парламентарни избори, кое што беше и останува наше барање, со кое што ќе се разјаснат многу работи на македонската политичка сцена, што се случија по изборите и со која што ќе се даде можност на граѓаните да го кажат својот став за она што го правеше и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во периодот после изборите“, изјави Груевски.

Тој уште еднаш побара на 15-ти октомври да се одржат и предвремени парламентарни избори.

„Верувам дека работите ќе се одвиваат во добар правец, 15 октомври е најблискиот рок што СДСМ можеше да го прифати во тие разговори и се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ, како победничка партија на овие парламентарни избори, ќе излезе повторно победничка и на овие локални избори. Уште еднаш апелирам за организирање предвремени парламентарни избори истиот ден на 15-ти октомври“, рече Груевски.