Груевски им реферираше на амбасадорите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со членовите на Извршниот комитет на партијата, Никола Попоски, Никола Тодоров и Владимир Ѓорчев остварија средба со амбасадорите на Германија, Велика Британија, Шведска и Холандија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

„На средбата се разговараше во поглед на актуелната политичка состојба, позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на нејзино надминување. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори. Причината за нивно одржување е поради фактот што по изборите се случија голем број на работи, главно поврзани со Тиранската платформа договорена во соседна држава, кои не беа презентирани за време на изборите и голем број на граѓаните чувствуваат голема изборна измама“,  соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на дебатата во Парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека она што во моментот се случува во Парламентот е користење на сите законски и деловнички можности од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За Подобра Македонија за искажување на ставовите и позициите, низ парламентарната дебата, користејќи го максимумот на законот и она што го дава Деловникот.

Партиската делегација ги информирала амбасадорите дека немало ништо незаконски, и немало ништо што досега не се случило во минатото во Македонија, низ Европа и Светот. Тоа било начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразувал револтот од прифаќањето и наметнувањето на Тиранската платформа.

На средбата било посочено и дека она на што ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува е наметнување на платформа договорена во канцеларија на премиер на соседна држава, каде имало карта на Голема Албанија.

Од ВМРО–ДПМНЕ било посочено дека добро спроведените изборите во Македонија не треба да се инцидент, туку пракса, како што и всушност било и дека е потребен дијалог и дебата, во рамките на институциите за поместување на работите, и организирање на избори за излез од кризата.