Груевски, Мицковски и Вељан од Речица

Национализмот е нашата форма за победа на избори, средство за стекнување моќ и контролирање на масите, тоа е нашето лудило. А, пак, патриотизмот, патриотизмот е неговиот култ. Еден од, се чини, најсекси зборовите за секој оној кој сака да се занимава со политика. Тоа е најперспективна стопанска гранка кај нас, монополска и резервирана. Тоа е последното скривалиште на подлиот.

Единаесет години народот беше заложник на скапо платен лажен патриотизам. Единаесет години ни продаваа ветер и магла под плаштот дека се што се прави во државата е патриотизам и дека без него нема да не биде. Не убедуваа дека ако не го поддржиме нивниот патриотизам ќе останеме без држава, без нација, без се…

Им го продадовте ,,филмот” на „вашите“, а тие слепо ви поверуваа… Ги замајувавте, а сега пак иста приказна „тролате“, за фаланги, комити и слично.

Мицковски продолжи каде што застана Груевски.

Да кажува за математика, за плус или минус, за тангес или котангес, овде онде повеќе или помалку киловат-два, пеки, ќе разберам. Но, да зборува за патриотизам…

Направивте, бре, да се „глодаме“ едни со други. Едните демек знаеле, а другите не знаеле. Едните биле поучени од другите и дека кога пак ќе дојдат на власт ќе процветаме“. Вашите ѓомити повеќе ја сакале Македонија од „нашите“.

Aвторитарниот политички лидер, големиот Никола Груевски не подели, што велат Србите, „и уздуж и попреко“. На „подобни и неподобни“, на „ваши и наши“, на „патриоти и предавници“, на „антички македонци и словени“ и на не знам што уште не…

Поставувањето на дефиниција за патриотизам претставува проблем дури и за филозофите поради тоа што тој може да манифестира многу различни карактеристики кои се движат од едноставна љубов кон сопствената земја, па сè до омраза кон сè што „не е наше“. Ама, па, вам тоа ви појде од рака.

Наш престануваш да бидеш оној момент кога ќе станеш свој. Ефтино клише, де факто, ама поминува. Малкумина ваши станаа свои, со исправен р’бет.

Запрете бе пријатели… На смеете да бидете толку заслепени со патриотизам за да не можете да ја видите реалноста. Не оди тоа така… Лошо е, навистина е многу лошо…

Хероизмот по наредба, бесчуствителното насилство и сите оние гадни бесмислици кои се продаваат како патриотизам – јас многу ги мразам.

Патриот, тука кај нас, на нашиве простори, е човек кој може да вика најгласно без да знае што вика.

За каков патриотизам ми зборувате, господине Мицкоски?

Ајде да проговориме за битката кај Рашанец. Ајде да проговориме за колежот врз македонското население од страна на Бахтијар паша во 903-та и за Вељан од Речица, Вељан предавникот.

Знаеш ли, господине Мицкоски, кој е човекот кој речиси секогаш ти седи од лева страна, а во единаесетте години, од 2006-та до 2017-та, беше ударна тупаница на Груевски?

Професор е како и ти, „експерт“, голем патриот, поголем здравје, ама е внук на Вељан, а тоа никогаш не го кажува. Не кажува од каде му е семката, туку вели дека е од Битолско. И тој е сега комита и војвода, и тој е сега патриот, а јас не сум.

Затоа молчете, глас да не ви слушнам за патриотизам. Не го пикајте носот кај што не му е место.

Бидете внимателни во односите со вашите корени, бидејки секоја градба без темел кусо трае.

Во иднина, господине Мицкоски, не ги етикетирајте луѓето што не мислат како вас, етикетирањето ограничува, етикетирањето ги става луѓето во кутии. А, кога на агендата ќе имате тема патриотизам најпријателски ве советувам, повторете си ја во себе строфата од староградската охридска песна посветена на Рашанец, која е во изведба на оркестарот „Билјана“:

Бог да го убие Вељан од Речица,
нане мила нане, Вељан од Речица
што ги предаде седум осум души
Седум осум души, сè млади момчина
се млади момчиња, сите Македонци
нане мила нане, сите Македонци.“

Јас не сум суетен, немам намера со вас, господине Мицкоски, ниту со било кого да се натпреварувам во патриотизам. Јас знам кој сум, кои ми се предците, од каде се и што биле, и тоа секогаш и секаде го кажувам со крената глава, и што сите ние сме сториле за државата.

За мене патриотизмот не е полна уста „татковина“ и полни џебови странски пари, туку за мене патриотизмот е она од што живееме, состојбата во нашата држава и положбата на секој еден во неа.

Љубовта кон само еден човек, која ја исклучува љубовта кон другите луѓе, не е љубов. Луѓето се многу повеќе од еден збор, тие се многу повеќе и од збир од зборови.

Да фрлиш отпадок во канта за ѓубре на улица е многу поголем патриотизам од знаменцето на ВМРО на ретровизорот од автомобилот.

Не би сакал ова мое обраќање да изгледа помпезно, напротив, сакам да знаете дека никој не е поголем од крајната цел нашата земја да стане модерна држава во која ќе владее правото за сите од ред, и за оние од угледни семејства и за оние од помалку угледни семејства, земја која ќе има висок економски стандард и нема да биде место од каде што бараш начин да се иселиш.

Со лаги, опструкции и кочење на работите не можете да дојдете на власт, не можете да го спречите процесот државата да оди напред. А секој успех на Македонија во следните 4 години ќе биде и ваш успех. Ставете и вие едно камче во големиот мозаик.

Македонија дефинитивно треба да продолжи да се гради, како дом за сите народи, за сите етнички заедници, за сите граѓани во неа, за сите до еден. Македонија не смее да дозволи ново враќање во темната зона на очај и апатија.

Македонија може, треба и мора да прави уште повеќе и уште подобро. Сите мораме да се бориме за иста кауза и таа борба да не запре во ниту еден момент.

Можеме и мораме да си бидеме одлично друштво со луѓе кои се по некоја карактеристика различни од нас – имаат поинакви политички погледи или, можеби, припаѓаат на друга религија или етничка заедница.