Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за интернет порталот Курир најави дека ќе поднесе оставка пред органите на партијата. Груевски патем се закани дека еден ден СДСМ ќе се кае за ова што го прави, а народот ќе си ја врати државата.
„Јас вечерта после првиот круг на изборите кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Потоа во телевизиско интервју појаснив дека секогаш во еден тим кој се натпреварува, било политички, спортски, бизнис или слично, најголемата одговорност по дефиниција ја носи првиот човек. Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка.“
Партијата, согласно статутот, треба да оргазнизира вонреден конгрес, на кој освен извештајот за анализта на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа го мислев и тогаш на 15-ти октомври вечерта, но заради актуелноста на изборите го кажав со политички речник. Тоа го мислам и сега, и бидејќи двата круга на изборите поминаа, емоциите од кампањата стивнаа, и можам да го кажам и најдиректно и понепосредно. Овој чекор е дел од моите основни принципи и вредности“, порачува Груевски.
За анализата, според опозицискиот лидер, веројатно ќе требало уште недела до две, а оставката можела и не морала да биде поврзана со нејзиното завршување, бидејќи не била поврзана со нејзиниот исход.







