Грција во пламен: Над 50 жртви, 150 повредени, има и исчезнати

LinkSense.mk

Најмалку 50 лица го загубија животот, а повеќе од 150 се повредени во пожарот што ја зафати источна Атика, соопштија утринава официјални лица.

Се стравува дека има повеќе жртви со оглед на тоа дека многумина се јавуваат во противпожарната служба и пријавуваат исчезнати, пренесе грчката агенција АНА.

Меѓу жртвите има и деца.

Многу настрадани има во областа меѓу Рафина и Неа Макриа, посебно во селото Мати, на 29 километри источно од Атина, каде што биле заробени во пожарот кој ги зафатил нивните куќи и автомобили со кои се обиделе да побегнат од огнот.

Во пожарот целосно се уништени 100 куќи и 200 возила.

Во гасењето на пожарот учествуваат повеќе од 300 пожарникари, стотици противпожарни возила, канадери, хелихоптери, а на луѓето кои биле заробени на плажите на помош им пристигнале туристички и рибарски бродови кои ги префрлиле на сигурна дестинација.

Пожаров во источна Атика е поголем и поопасен од оној кој во 2007 година го зафати полуостровот Пелопонез, пренесува Ројтерс.

Подрачјето на исток од грчката метропола е многу популарно меѓу локалните туристи, пред се кај пензионерите и децата кои тука доаѓаат да кампуваат.

Огнови, меѓутоа, беснеат и западно од Атина, заради што и таму многу жители ги напуштија своите куќи.

Овој пожар се заканува да го загрози сообраќајот затоа што е близу автопатот, заради што е затворен патот од Атина за Коринт, еден од двата патишта што водат кон Пелопонез, а прекинат е и железничкиот сообраќај.

Заради пожарите што ја зафатија Грција, Алексис Ципрас ја прекина посетата на Босна и Херцеговина.

Помош почна да пристигнува од повеќе држави.