Грција: Народот во паника, горат патишта и шуми

Состојбата во Грција е критична заради пожарите кои ширум земјата беснеат со денови.

Изгореа куѓи во предградијата на Атина, а пожарите на југот на државата ги натераа луѓето на евакуација.

Големите жештини ја отежнуваат борбата на пожарникарите, а загрозена беше и поранешната Кралска палата.

На социјалните мрежи се појавија драматични снимки од луѓе кои бегаат од огнената стихија и се обидуваат да спасат добиток, патишта кои горат…

Силните ветришта уште повеќе ги разгореа огновите, а властите наредија евакуација на населението и им испраќа телефонски пораки со предупредување на сите граѓани и туристи да ги одбегнуваат непотребните патувања и да не приоѓаат до шумите и шумските подрачја.

Тешка е состојбата и на островот Евиј, каде што вистинска среќа е што нема жртви.

 

Дека условите се тешки, на медиумите им потврди министерот за цивилна заштита Михалис Хрисоходис, кој истакна дека ќе продолжат да се борат против огновите.

Шест региони, вклучувајќи го и Атика во кој се наоѓа Атина, се ставени во состојба на висока подготвеност, соопшти премиерот Киријакос Мицотакис.

Тој наведе дека државата се „соочува со исклучително критична состојба“.

Од противпожарната служба вчераутро рекоа дека морале да се изборат со 92 пожари за 24 часа.

Пожарот којшто изби северно од Атина и за кој се мислеше дека е под контрола повторно се разгоре вчера доцна вечерта и уништи голема површина со борова шума.

Тоа ги натера жителите на неколку села на евакуација затоа што пламенот опасно се приближи до куќите.

Во Атина поради чадот квалитетот на воздухот значително се влоши, а најавено е дека може да дојде до прекин на електричната енергија во некои делови од градот.

Министерството за финансии вети итни исплати до 6.000 евра на оние луѓе кои ги загубија имотите, а речено е и дека ќе следат и други мерки.

Според информации од социјалните мрежи, пожарот опасно се доближил до населбата Скепасти на Евиј, каде што луѓето се буквално заробени, заради што е потребна итна евакуација.

 

 

(Фото: ЕПА)