Со погрдни зборови, пцовки и навреди дека е „Скопјанец“, група млади Грци го нападнале и малтретирале 80-годишниот македонски православен свештеник во Грција, Никодим Царкњас.
Нападот на архимандритот се случил на 23 февруари во близина на селото Саботско.
Во изјава за ТВ 24 и за Канал 5, Царкњас го потврди настанот и вели физички повреди немал но многу се исплашил зашто лицата удирале со клоци и со тупаници по возилото што тој го управувал.
Еден од нив дури и излегол пред автомобилот за да му го попречи движењето но, не успеал во тоа. Сега тој со лажни сведоци, вели Царкњас, го тужел дека свештеникот сакал да го изгази.
„Сето ова е поради тоа што јас се декларирам за Македонец и што проповедам на македонски јазик во нашата македонска црква во овој дел на Грција“, вели свештеникот.
Царкњас раскажува дека за среќа останал неповреден, бидејќи успеал навреме да се заклучи во автомобилот, но напаѓачите сериозно го оштетиле возилото кршејќи ги стаклата и каросеријата.
Архимандритот поднел тужба против сторителите, но сепак, вели, нема верба во грчките судови и институции.
„Јас не го почитувам грчкиот суд не ги почитувам оти не суди правилно, суди национално. Знам што ми правеа по судовите“, вели Царкњас.
Отец Никодим Царкњас од 1991 година е исклучен од Грчката Црква, поради неговиот активизам за правата на Македонците во Грција, за што бил и осудуван и лежел во затвор.Самиот бил иницијатор и носител на градбата на црква во родното село, која е осветена во 2001 година и во која проповеда на македонски јазик.