Гутереш: Присилното раселување на цивили е воено злосторство

Присилното раселување на цивили во Сирија претставува воено злосторство, предупреди генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во време кога се одвива една од најголемите евакуации на населението во текот на шестгодишната војна во таа земја.

Гутереш во извештајот на Советот за безбедност при ОН потсети дека организацијата во повеќе наврати изразила загриженост поради локалните спогодби за евакуацијата меѓу сириската влада и опозициските групи, кои доведоа до присилно раселување на цивили.

Тој ја потсети сириската влада и опозицијата дека присилното раселување на цивили е „исклучиво дозволено за да се гарантира нивната сигурност или за императивни воени потреби“.

Во спротивно, нагласи, принудното раселување е забрането и тоа се категоризира како воено злосторство.

Повеќе илјади Сиријци моментно се евакуираат од четири опколени градови и делот Хомса кои се под контрола на опозицијата.

 

 

Фото: Twitter