Данските разузнавачки служби се загрижени поради зголемувањето на шпионските активности на територијата на таа скандинавска држава, се наведува во извештајот објавен денеска, во време кога шефот на воената разузнавачка служба е во притвор под обвинение за објавување доверливи документи.
„Голем број странски земји активно спроведуваат разузнавачки активности против Данска, а заканите за шпионажа се зголемени во последниве години“, соопштија данските разузнавачки агенции.
Оваа закана, која вклучува шпионажа, вознемирување, обиди за нелегално стекнување производи, технологија и знаење и, во исклучителни случаи, обиди за атентат, се протега на данските автономни територии, Фарските Острови и Гренланд, особено поради нејзиниот интерес за Арктикот.
Според извештајот, заканите првенствено доаѓаат од Русија, Кина и Иран.
„Кина прави големи напори во смисла на пренос на технологијата и знаењето“, појаснува за весникот „Политикен“ шефот на разузнавањето Андерс Хенриксен.
Според него, постои латентна закана и во вид на студентска размена. Данската телевизија во понеделникот извести дека на началникот на данското воено разузнавање, Ларс Финдсен, му е одреден притвор, заради негова вмешаност во случај кој вклучува протекување на „многу доверливи“ информации.
Четворица сегашни и поранешни вработени во две дански разузнавачки служби беа уапсени во декември поради објавување на високо доверливи информации. Финдсен е единствениот кој останува во притвор додека трае истрагата.
Случајот, за кој властите објавија многу малку информации, се води зад затворени врати, што значи дека точните обвиненија и содржината на информациите кои протекле не се објавени.
Според телевизијата, случајот е заради давање на доверливи информации на данските медиуми.