По четиринаесет години поминати во чекалната на Европската Унија како земја-кандидат, за прв пат датумот за преговори со ЕУ за Северна Македонија во целост зависи од земјите членки и од нивната визија за иднината на политиката на проширувањето кон Балканот.
Минатата година, по препораката на Европската Комисија до земјите членки на ЕУ дека треба да ги отворат преговорите за членство со Македонија и Албанија, на двете земји им беа дадени дополнителни реформски задачи, со заложба од страна на министрите на ЕУ дека во јуни 2019, доколку се исполнат обврските, ЕУ ќе одобри старт на преговори.
Една година подоцна, Европската Комисија констатира дека задачите се исполнети, посебно во случајот со Македонија, како што покажува и самиот извештај за реформскиот напредок, каде препораката за Македонија не е проследена од никакви дополнителни критики, за разлика од Албанија, од која се очекуваат напори во борбата против корупцијата и политичкиот дијалог.
Како што истакнаа и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и ЕУ амбасадорот во Скопје, Самуел Жбогар, Македонија денеска е единствената земја во регионот која нема отворени спорови со соседите и во која функционира политичкиот дијалог помеѓу власта и опозицијата, два клучни елементи за напредок кон ЕУ.
Од технички аспект, пак, како што покажуваат анализите на невладините и тинк-тенк организациите, Македонија е исто толку подготвена за преговори колку и двете земји кои веќе преговараат – Србија и Црна Гора – и поподготвена од Албанија.
Во пресекот изработен од страна на тинк-тенкот “Европската иницијатива за стабилност“ (ЕСИ), Северна Македонија покажува дури поголема подготвеност од Црна Гора во делот на фундаменталните области и има ист број на бодови како Подгорица и Белград за сите 33 преговарачки поглавја, додека пак Албанија бележи пониско ниво на спремност од другите три.
Албанија посебно се истакна во напорите за судската реформа, со процесот на “ветинг“ на судии кои и донесе впечатливи резултати во споредба со соседите.
Линк: https://www.esiweb.org/pdf/ESI%20- %20How%20are%20they%20doing%20-%20deciding%20on%20merit%20- %20May%202019.pdf
Оттука и апелот на комесарот Хан и на потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини, на денот на извештаите, до земјите членки дека топката е сега во нивните раце.
Секакво одлагање и неиспорачување од страна на ЕУ претставува не само ризик за политичката стабилност во регионот, сметаат челниците на Европската Комисија, туку оставаат отворена врата за ривалските сили на Европската Унија, како Кина и Русија, да засилат своето влијание на Балканот.
Освен тоа, како што нагласија и од македонска страна, неисполнувањето на ветувањата кон двете земји кандидатки, но посебно кон Северна Македонија, ќе испрати погрешен сигнал до другите држави во регионот кои се соочуваат со тешки билатерални спорови, пред сѐ Србија и Косово.
Склучувањето на Преспанскиот договор, кој Европската Унија го смета делумно и за свој успех, минатата година не беше награден.
Една година подоцна, по референдумот во Македонија и макотрпниот процес на
ратификација во двете земји потписнички, процес кој бараше огромни политички жртви, неиспорачувањето од страна на европските земји членки би можел да има далекусежни негативни последици за целокупниот процес на стабилизација и напредок на регионот, согласни се и во Брисел и во регионот.
Иако огромното мнозинство земји на Европската Унија немаат проблем со отворањето на преговорите, резервите на влијателната Франција, а сега и на Германија, би можеле повторно да доведат до блокада на претстојниот министерски совет каде ќе се одлучува за датумот за преговори.
Советот за општи работи, составен од министрите за надворешни и европски работи на ЕУ, е закажан за 18 јуни.
До тогаш, според предвидени законски процедури, за да може да и се додели датум на Македонија, би требало германскиот парламент да ја одобри оваа одлука следниов
понеделник, кога се одржува неговата седница.
Гласините од Германија за сега не се охрабрувачки и се чини дека недостига политичка волја да се забрза процесот за да се отвори патот до 18 јуни.
Една од варијантите кои не се исклучуваат е одвојувањето на Македонија од Албанија, со што некои се надеваат дека би се олеснило носењето на оваа одлука од германска страна.
Колку е ова реалистично сценарио останува нејасно, со оглед на тоа дека, од една страна, Берлин е понаклонет кон пакетот со Албанија, а од друга, дури и да се надмине германската пречка, сѐ уште е неизвесно дали има поместување во
француските позиции.
Пред изборите за Европскиот Парламент, француската кандидатка на владината коалиција и поранешна министерка за европски прашања, Натали Лоазо, дел од својата кампања ја фокусираше токму на одбивањето почеток на преговори со Македонија и Албанија и ја уверуваше домашната јавност дека “ни сега ни подоцна“ Франција нема да прифати преговори со овие две земји, и дека проширувањето е сега целосно паузирано.
Се разбира, ваквото позиционирање може да се сфати и како предизборна реторика, а дипломатите во Брисел велат дека добиле охрабрувачки сигнали од Париз за можно омекнување во наредните месеци.
Иако по сѐ изгледа дека за јуни шансите за добивање датум се мали, може да се очекува земјите членки да ја одложат одлуката за јули кога би се одржал нов министерски состанок за општи работи.
Третата опција е одлуката да се донесе наесен, септември или октомври, опција од која многумина стравуваат, со оглед на тоа дека тогаш истекува рокот за Брегзит и Европската Унија повторно ќе биде целосно посветена на оваа криза.
Македонскиот државен врв сепак останува оптимист дека без разлика на датумот кога би се донела одлуката, преговорите ќе започнат во декември оваа година, кога би се одржала првата меѓувладина конференција, настанот кој го одбележува официјално почетокот на овој процес, кој Македонија го чека од 2005-та година.
МИА







