Даштевски: „Апаратите за отпечаток на прст ќе им дадат легитимитет на изборите“

„Терминали за отпечаток на прст се користат во 50 држави. Земјава е дел од НАТО, се стреми кон Европската унија и не може да си дозволи експерименти, како гласање за неколку секунди, како на претходни избори“, вели претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

„Во светот има 50 држави каде што се користат вакви машини. Со нив сите недостатоци околу гласањето ќе се отстранат. Ќе имаме подобар осврт на работите, како тие навистина стојат. Ние не треба да си дозволиме да правиме некакви ‘експерименти’, да гласаме за неколку секунди, каков што пример имаше на референдумот“, рече Даштевски во интервју за Радио слободна Европа, запрашан колку е чекор кон демократија да им се проверува отпечаток од прст на гласачите за време на изборите.

За тоа какви мерки се преземени за заштита на личните податоци коишто ДИК ги добива од МВР за употреба на овие апарати за проверка на отпечаток, по искуството со хакерскиот напад на минатите избори, тој посочува дека за овие податоци се преземени специјални мерки.

„Што се однесува до овие апарати, тие ќе бидат ‘офлајн’, нема да работат на интернет, така што нема да може да бидат напаѓани. И серверот со кој ќе се полнат и празнат ќе биде ‘офлајн’, нема да биде вклучен на интернет, бидејќи податоците се кај нас, ќе се преземат на тој сервер и ќе бидат криптирани“, истакна Датшевски и додаде дека за безбедноста на податоците ќе се грижи цел тим од ИТ инженери, а посебен тим ќе се грижи само за апаратите за отпечатоци на прсти.