Ден на Републиката – одбележување на двата историски Илиндена

Под слоганот „Сите сме деца на Илинден“  денеска се чествува Денот на Републиката – 2 Август, 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ.

Централната свеченост ќе се одржи во Крушево, каде делегација предводена од премиерот Зоран Заев ќе положено цвеќе на споменикот на Мечкин Камен.

Точно напладне по интонирањето на државната химна ќе се обрати премиерот Заев, по што ќе следува свечена културно-уметничка програма со настап на ансамблот „Танец“, на КУД „Емин Дураку“ и на мешаниот хор „Крушево“. Делегација од Кабинетот на претседателот на државата, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски ќе положи цвеќе пред спомениците на АСНОМ во паркот „Жена борец“, на Никола Карев пред Собранието на Република Северна Македонија и на споменикот на првиот
претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов-Ченто на градскиот плоштад во Скопје.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, заедно со претставници на Сојузот на борците ќе положи цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел, а ќе оддаде почит на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генерал Михајло Апостолски.

По повод Ден на Републиката во претседателската вила на Водно ќе се одржи церемонија, на која ќе се обратат претседателот Пендаровски и претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, Никола Стојановски.

На свеченоста во Кабинетот на претседателот ќе присуствуваат членови на Сојузот на борците, претставници на институции и на политички партии во државата, како и членови на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Северна Македонија.

Втори август ќе се чествува и во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, каде што на свеченоста по повод Илинден и 75-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе говори претседателот на Собранието Талат Џафери, а потоа ќе има културно-уметничка програма.

Во рамки на Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август се и активностите во Смилево, со кои ќе се одбележат 116 години Илинден и 77 години од првата борбена акција на битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.

Ќе биде положено цвеќе на споменобележјата и посетен меморијалниот музеј Смилево.

Слоганот „Сите сме деца на Илинден“ за годинашното чествување е избран со цел да го одрази концептот на заедничките вредности кои, како што посочува Владата – сите ги славиме, празнуваме, кои нè обединуваат и поврзуваат, нè прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.

Програмата за одбележување на Илинден е усвоена на седница на Владата на предлог на Организацискиот одбор.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година.

Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател…

Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево.

Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.