14 Ноември 2020
БИ БИ СИ
„Поради пандемијата повеќето деца во Англија назадуваат со нивното учење–а некои значително назадувале со своите социјални вештини“, соопшти Офстед.
Извештај од организацијата за следење на образованието предупредува дека некои мали деца заборавиле како да користат нож и виљушка или се вратиле назад во пелени.
Постарите деца го загубиле „капацитетот“ за читање, велат инспекторите.
Одделот за образование истакна дека тоа ја покажува потребата училиштата да останат отворени.
Поделени искуства
Офстед го испита влијанието на пандемијата на Ковид-19 врз децата, врз основа на посетите на 900 училишта и претшколски установи оваа есен–и откри дека искуствата се многу поделени.
Главната инспекторка, Аманда Спилман, вели дека постојат три „широки групи“ за да се опише што се случило:
„Најпогодената“ група на деца откако не одат на училиште, се од пониските одделенија и се уназадени со зборови и бројки и со „враќање кон пелени кај деца кои користеле нокшир“ или изгубиле „основни вештини“ како што се употреба на нож и виљушка.
Мнозинството деца во средина „биле уназадени во нивното учење во различен степен, бидејќи училиштата беа затворени за повеќето деца и движењето беше ограничено“, а во извештајот се вели: „Изгубеното учење е несомнено, но тешко е да се процени“.
Исто така, има деца на кои карантинот им бил позитивно искуство–овие деца имале корист од поголемо чувство на заедништво со родителите и „квалитетно време“ како семејство.
Но, Спилман вели дека ова не се дели по линија на предности и лишување, туку напротив фактори како што се дали родителите биле во можност да поминуваат време со децата и семејствата кои, како што таа ги опишува, „добри структури за поддршка“.
Меѓу постарите деца, Офстед предупредува на губење на концентрацијата кај оние што се враќаат на училиште и оти „онлајн расправиите“ што почнале на социјалните мрежи за време на карантинот сега „се играат на час“.
Исто така, има извештаи за губење на физичката подготвеност, додека други ученици покажуваат „знаци на ментален стрес“, со загриженост за нарушувања во исхраната и самоповредување.
Постои загриженост за учениците кои сè уште не се вратиле на училиште–а во една третина од училиштата има „зголемување на децата што се отстранети од училиште за да се школуваат дома“.
Училишта „се борат“
Но, инспекторите велат дека училиштата сè уште се „борат“ со практични проблеми во врска со функционирањето за време на пандемијата, со предизвици од работа во балони и да одговорат на епидемиите на Ковид.
Геоф Бартон, водач на синдикатот на наставници АСЦЛ, рече дека извештајот „остро јасно го покажува едукативното и емоционалното влијание на затворањето на училиштата и зошто треба да сториме се што е можно за училиштата да бидат отворени“.
Но, тој предупреди дека станува финансиски неодржливо да се одржуваат училиштата во функција, со трошоците за безбедносните мерки и потребата да се плати заменски персонал кога наставниците треба да се самоизолираат.
Портпаролката на Одделот за образование рече: „Владата беше јасна дека враќањето на сите ученици и студенти во редовно образование е национален приоритет“.
Таа рече дека фондот од 1 милијарда фунти за надоместување, вклучително и поддршка за туторство, ќе помогне да се надополни изгубеното учење.







