Низ Лондон, сопствениците на СУВ автомобилите, во стилот на теренци, почнаа да ги наоѓаат своите возила со издишани или дупнати гуми.
Според Скај њуз, одговорноста за „нападите“ ја презедоа климатски активисти кои себеси се нарекуваат „Уништувачи на гуми“ и тврдат дека нивното однесување е оправдано заради штетата што на планетата и ја предизвикуваат теренските возила.
„Излегуваме навечер, најчесто во група и со многу едноставна опрема. Или ги продупчуваме гумите или само ги издишуваме, а потоа во вентилот ставаме се и сешто. На шофершајбната оставиме леток со објаснување зошто го направивме тоа“, објаснуваат активистите.
На летоците кои подоцна ќе ги пронајдат сопствениците, обично пишува „твојот голтач на бензин убива“.
Според активистичката група која во последните две години веќе ги таргетираше автомобилите во Германија и Франција, овој тип на возила е несигурен, огромен, неприфатлив да се има во Лондон и ја уништува климата, заради што имаат право да допираат приватна сопственост.
„Дали е тоа можеби одговорност, а не право? Автомобилската индустрија не покажува никаква одговорност за огромните автомобили што ги рекламира. Затоа ние им велиме на овие сопственици, преземете одговорност. Не купувајте вакви автомобили“, додаваат активистите.
Со теренските возила се поврзува статистиката дека нивната големина ги влошува климатските промени со емитувањето на поголемо количество штетни материи во воздухот, со дополнителни „забелешки“ дека тие заземаат повеќе простор на патот и претставуваат поголема опасност за пешаците.
И покрај ова, во текот на минатата година во Велика Британија ваков тип на автомобили сочинуваше 60 проценти од целата продажба на нови возила. Купувачите често велат дека се чувствуваат побезбедно во поголеми возила и претпочитаат повисока положба на возачот.
„Трендот на поголеми автомобили ја надокнадува заштедата на CO2 што ја постигнуваме со зголемување на ефикасноста на моторот. Кога ќе се земе предвид дека транспортниот сектор има најголеми емисии, тоа е сериозен проблем“, тврди Ралф Палмер од групата активисти „Транспорт и животна средина“.
Многу европски земји ставаат поголем данок на автомобилите со повисоки емисии, а во Париз неодамна ги зголемија таксите за паркирање за големите теренци.
Во Велика Британија, локалните власти во неколку помали градови и во делови од Лондон воведуваат варијабилни давачки за паркирање, според емисиите на издувните гасови.
„Колку е поголемо загадувањето, толку повеќе ќе си платите. Зошто треба да имаме нечист воздух што му штети на здравјето на нашите жители? Имаме голем број деца помали од една година со респираторни проблеми“, изјави Аверил Лекау, советник од југоисточен Лондон.