Димитров на средба на министрите за надворешни од ЕУ за Балканот

LinkSense.mk

Министерот за надворешни Никола Димитров ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ (GYMNICH).

Утре министрите посебно ќе се осврнат на Западен Балкан и ќе разговараат со колегите од земјите кандидати за членство во ЕУ – Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција. Австриските медиуми очекуваат една од темите да биде и промената на границите како можно решение за косовскиот проблем.

Министрите ќе ја разгледаат ситуацијата на Блискиот и Средниот исток, во Украина, трансатлантските односи, мултилатерализмот и глобалната стратегија за надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Со оглед на тоа што се работи за неформален состанок, нема да има никакви одлуки.

Димитров ќе учествува на неформалниот состанок на покана на Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини и министерката за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија Карин Кнајсел (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ).

На маргините на состанокот, во организација на Австриското претседателство, Димитров ќе учествува и на работен ручек на министрите за надворешни на земјите-членки на ЕУ со министрите за надворешни на земјите од Југоисточна Европа и Турција, на кој ќе се дискутира за прашања поврзани со дигиталната инфраструктура.