Димитров оди во посета на Виена

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, утре ќе престојува во работна посета на Виена.

Во рамки на посетата предвидено е да има средби со Каролине Едштадлер, министерка за Европа и Устав и со министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.

Посетата е дел од турнејата на вицепремиерот Димитров на главни градови на земји членки на Европската унија, а во контекст на изразените австриски заложби за интензивирање на процесот на проширување на Унијата со државите од Западен Балкан, како и ангажманот на Австрија во справувањето со КОВИД-19 пандемијата и обезбедувањето помош врз основа на принципот на солидарност.

Димитров ќе се осврне на реформските чекори и цврстата посветеност на Македонија во надминувањето на предизвиците и исполнувањето на европската агенда, а главниот акцент ќе биде ставен на изгледите за постигнување поголема кредибилност и остварливост на европската перспектива и нејзино конкретизирање преку одржување на првата меѓувладина конференција со Унијата.

На средбите ќе се отворат и темите повразни со билатералната соработка со Австрија како наш посветен поддржувач, која вклучува конкретна помош за спроведување на реформите во клучните области од процесот на европска интеграција, како и конкретни хуманитарни, инфраструктурни и инвестициски проекти, стои во соопштението.