Димитров: Прашањето за јазикот е одбрана и на македонскиот и на европскиот идентитет

„Неприкосновено право на секој народ е правото на самоопределување и да го одбере јазикот на кој зборува. Тоа е право на луѓето што живеат тука, а не на друга држава или која било меѓународна организација. А, прашањето за јазикот и оваа наша
борба, не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувавање на европскиот идентитет и вредностите што треба да ги предводи ЕУ“.

Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќањето на Преспа форум дијалогот „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“.

Димитров пред учесниците на панелот посветен на пристапувањето во ЕУ, насловен: „Патот кон ЕУ: што да очекуваме кога очекуваме?“ посочи дека Македонија успеа да го реши долготрајниот спор за името токму затоа што Грција го призна и прифати правото на граѓаните на самоопределување.

Но, сега земјата на патот на нејзината евроинтеграција се соочува со проблем што, како што појасни, досега бил третиран како прашање од техничка природа.

Според него, прашањето за јазикот и оваа наша борба не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувавање на европскиот идентитет, токму на вредностите за кои ЕУ треба да ги предводи.

„Европската унија не е само економски гигант, туку водечки пример во наративот на
вредности. Преку Лисабонскиот договор државите-членки на Унијата се обврзаа да ги штитат и негуваат јазичните и културните различности на контитентот, така што не е европски ние сега да се соочуваме со пречка што досега беше третирана како прашање од техничка природа“, рече тој.

Притоа Димитров посочи дека природно е овој дел на Европа да биде дел од Унијата, затоа што припаѓа тука и географски, економски, историски и политички.

„Бегалската криза и појавата на т.н. ‘Балканска рута’ беше очигледен пример дека регионот е интегрален дел на европската безбедност и Европската унија. Најголемиот проблем што Унијата го има по однос на регионот денеска е губењето на довербата и вербата на луѓето од Западниот Балкан во декларациите и одлуките што ги носат европските лидери. Станува збор за регион што се наоѓа во дворот, а не на границите на ЕУ, што дава дополнителна тежина на проблемот со кој се соочува Унијата, а чие
нерешавање долгорочно како последица ќе значи на силите во регионот што веруваат во европските вредности, посочи вицепремиерот.