„Јужна Африка ќе и се придружи на Русија во менувањето на светскиот поредок, во кој голема улога играат незападните организации како што е БРИКС“, изјави министерката за надворешни работи на Јужна Африка, Наледи Пандор.
Пандор ова го кажа во понеделникот кога се сретна со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на почетокот на неговата турнеја низ африканските престолнини.
Русија и Јужна Африка се две од петте членки на БРИКС, заедно со Кина, Индија и Бразил.
Војната во Украина ја ревитализираше кампањата на Москва за создавање нова организација која ќе се натпреварува со блокот на земји во кој доминира Западот, како што е Групата Г-7.
БРИКС, според некои прогнози, би можел да се прошири во текот на следната година и да вклучи земји како Нигерија, Египет, Венецуела, Иран, Аргентина и Саудиска Арабија.
Претходно овој месец, Пандор рече дека има „голема побарувачка“ за членство во БРИКС.
„Одлуката за проширување најверојатно ќе биде донесена оваа година, за време на претседателството на Јужна Африка со оваа групација. Земјите од БРИКС веќе разговараат за можноста да се спротивстават на глобалната доминација на американскиот долар и да користат други валути во нивните трансакции“, истакна Пандор.
На средбата со Лавров таа посочи дека БРИКС треба да игра проактивна улога во процесот на создавање нов поредок во светот.
„Актуелните глобални геополитички тенденции јасно ја покажуваат потребата од создавање институционален механизам кој ќе има форма и глобална доверба за промовирање на мирот и безбедноста“, рече Пандор.
Лавров информираше дека со Пандор разговарал за се, и тоа многу детално.
„Сите се согласуваме дека оваа структура е пример за вистинска мултилатерална и мултиполарна дипломатија, која се заснова на потрагата по заеднички интереси“, рече рускиот шеф на дипломатијата.
Стивен Грузд, предводникот на руско-африканската истражувачка програма, вели дека БРИКС пронајде нова причина за постоење како резултат на руско-украинскиот конфликт.
„Во групата постои јасно уверување дека светот не треба да има само една велесила и дека таа една велесила не треба да биде САД.
Мора да има мултиполарност и други центри на моќ. Верувам дека БРИКС се позиционира како ривал на групата Г7, рече Грузд.
Москва во последно време се обидува да добие поголема поддршка во Африка. По посетата на четири земји во јули, Лавров овој месец ќе посети уште четири, а следниот уште четири.
Неговата турнеја ги вклучува Ангола и Боцвана, а потоа следат Алжир, Мароко, Тунис и Мавританија.
Кинескиот министер за надворешни работи, пак, во меѓувреме, овој месец посети пет африкански држави, а двајца американски официјални претставници се во поединечни посети на шест африкански земји оваа недела.
Глобалните сили знаат дека имаат поголеми шанси во Обединетите нации доколку ја добијат поддршката од африканските држави, а Африка има 54 гласа во Генералното собрание на ОН.
На првиот ден од руската инвазија на Украина, владата на Јјужноафриканската република побара Русите веднаш да се повлечат.
Тие предупредија дека руската воена акција може да предизвика „човечко страдање и уништување“ и голема штета на светската економија. Но, во меѓувреме, Јужна Африка одби да ги повтори своите критики и се воздржа од гласањето во ОН.
Пандор сега изјави дека повторувањето на изјавата од почетокот на конфликтот би било „поедноставување и инфантилно“ со оглед на „големиот трансфер на оружје“ за Украина од нејзините сојузници.
Рече дека разговорите со Лавров биле „одлични“, а Јужна Африка ја опиша како пријател на Русија.
Мала група демонстранти со украински знамиња демонстрираа пред зградата на владата каде што се одржа оваа средба.
Јужна Африка, Русија и Кина најавија планови за поморски вежби следниот месец во Јужна Африка, а вклучени ќе бидат и руски бродови.
Од Белата куќа порачуваат дека вежбите на воената морнарица им создаваат проблем на САД, секогаш кога некоја држава има заеднички вежби со Русите во време кога Русија води брутална војна против Украина.
(Фото: ЕПА-ЕФЕ)