Дијалогот и соработката со Македонија се во агендата на бугарската влада

Бугарија останува отворена за отворен дијалог и соработка со Македонија, но сите состаноци мора да се одржат под одредени услови, се наведува во официјалната изјава на новиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, што ја пренесуваат бугарските медиуми.

Во изјавата е наведено дека Македонија предложила телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи и тоа ќе се реализирало веднаш штом ќе дозволи распоредот на министерот Стоев.

„Бугарија отсекогаш била и останува отворена за отворен дијалог и соработка со Република Северна Македонија. Меѓувладин состанок може да се одржи кога ќе бидат исполнети потребните предуслови и услови. Одржување состанок во таков формат мора да биде полн со содржина. Во оваа смисла, потсетуваме дека годишниот извештај за работата на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања треба да биде усвоен на претстојниот меѓувладин состанок. Ја користиме приликата да потсетиме дека министерот Стоев при стапување на должност рече дека бугарската страна останува отворена за дијалог, а привремената влада не е овластена да ја менува рамковната позиција на Бугарија, што беше усвоено со консензус од сите политички сили во Парламентот“, се потенцира во изјавата на бугарското Министерство за надворешни работи.