Завршува ли, конечно, еден од најдолгите судири на далечните падини на запуштениот дел на Европа!?Дали Азербејџан и Ерменија, поранешните републики на СССР, се пред потпишување на мировен договор, како предуслов за воспоставување дипломатски односи, кои тие две соседни кавкаски земји никогаш ги немале?
Имено, ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, во неодамнешното обраќање во парламентот рече дека Ерменија е подготвена да потпише мировен договор со Азербејџан.

Пашинјан додаде дека Ерменија е подготвена да го признае територијалниот интегритет на Азербејџан, што значи дека го прифаќа државниот суверенитет над спорната територија на покраината Нагорно-Карабах, која после војната на почетокот на 1990-тите прогласи независност и отцепување од Азербејџан.
Но, Пашинјан бара и Баку да го признае територијалниот интегритет на Ерменија, односно да ја прифати во нејзините граници како што беше кога беше дел од СССР.
Тоа е првиот таков знак од Ереван и практично признавање на поразот во повеќенеделната војна што се водеше во 2022 година, кога Азербејџан со отворена воена и политичка помош на Турција, врати најголемиот дел од Нагорно-Карабах.
Во октомври 2022 година, со посредство на Русија, во Москва беше договорено примирје и доаѓање на руски мировни сили, но тоа не ги спречи судирите, и практично „падот“ и исчезнувањето на ерменската парадржава Нагорно-Карабах.
Азербејџан се уште официјално не одговорил на предлогот на Пашинјан, но Политико и некои кавкаски медиуми објавија дека „Баку позитивно реагирал на понудата“.
Азербејџанскиот претседател, Илхан Алиев, изјави дека Ерменците кои остануваат да живеат на територијата на Нагорно-Карабах мора да земат и азербејџанско државјанство или, како што изворно рече, „во спротивно мора да најдат друго место за живот“, односно мораат да ја напуштат таа територија.
Доколку дојде до дефинитивен пораз на Нагорно-Карабах, се претпоставува дека мнозинството Ерменци ќе ја напуштат областа, а во секој случај, за време на последните конфликти, речиси две третини од населението ја напуштиле, велат ерменски извори.
Од Баку уште побараа редовните и регуларни ерменски воени сили да го напуштат тоа подрачје, а од Ереван накратко одговорија дека нивната војска не е таму и дека во областа дејствуваат само „силите на Карабах“.
Да потсетиме дека Пашињан ја отфрли оваа можност пред неколку месеци. Но очигледно преовладуваа реалноста и прагматизмот. Сега се чека одговорот од Баку.
(Фото: ТАСС – Валери Шарифулин / АФП)







