Поради лошите временски услови, владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев изутрината не отпатува за Драч, каде што требаше да учествува на неформалната средба на премиерите од земјите на Западен Балкан, соопшти владината прес-служба.
На состанокот во Драч чиј домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, треба да се расправа за регионалната економска интеграција.
Меѓу гостите се еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, црногорскиот премиер Душко Марковиќ, како, косовскиот премиер Рамуш Харадинај и претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти. Бугарскиот премиер Бојко Борисов ја откажа посетата поради сообраќајната несреќа кај Своге во која загинаа 16 лица, а давесеттина се повредени.
Состанокот се одржува во владината вила во Драч, а имаше и заедничка прес- конференција на премиерите и на Хан. Во соопштението од кабинетот на премиерот Рама, се наведува дека фокусот е на заедничката визија за стратегијата за интеграција во Европската унија, зајакнувањето на регионалната економска зона, договорот за роаминг и започнување на разговори за реципрочно признавање на академските и професионалните квалификации.
Според албанските медиуми, овој состанок се одржува во време кога меѓу Косово и Србија е почната „жешката фаза“ онаа, како што се наведува, за корекција на границите, која треба да заврши со признавање на независноста на Косово од страна на Србија.
Првиот неформален состанок премиерите од Западен Балкан го имаа лани на 26 август исто така во Драч. На него, освен еврокомесарот Хан присуствуваше и потпретседателот на Светската банка за Европа и Азија Сирил Милер.







