Доларот ослабе, цената на нафтата падна

LinkSense.mk

На девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошничката валути продолжи да се намалува, откако минатата недела падна за прв пат по три недели раст.

Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 108,82 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 108,96 поени.

Притоа, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 142,50 на 142,75 јени.

Но, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0085 долари.

Цените на нафтата, пак, паднаа по силниот скок во петокот. Утрово цената на барелот на лондонскиот пазар се намали за 1,3 долари, на 91,55 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 1,28 долари, на 85,50 долари.

На азиските берзи денеска цените на акциите пораснаа, но обемот на тргување е значително помал од вообичаеното, бидејќи во неколку земји не се работи поради празници.

Индексот МЦСИ (MSCI) на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу 7:00 часот беше во плус за 0,5 отсто.

Во исто време, на берзата во Токио индексот Никеи (Nikkei) порасна за 1,1 отсто, а за повеќе од 1 отсто пораснаа и цените на акциите во Австралија.

Јужнокорејските и кинеските берзи денеска поради празник се затворени.

Азиските инвеститори ги охрабри растот на цените на акциите на Волстрит во петокот, трет ден по ред, иако е сосем јасно дека Американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки за да ја спречи инфлацијата.

Во фокусот на инвеститорите оваа недела ќе биде извештајот за потрошувачките цени во САД, кој треба да биде објавен во вторник и кој ќе покаже колку се намалија инфлациските притисоци во август, со оглед на тоа што цените на горивата паднаа тој месец.

Аналитичарите во анкета на Ројтерс проценија дека инфлацијата во август падна на 8,1 отсто на годишно ниво, од 8,5 отсто колку што беше во јули.

На Токиската берза, исто така, позитивно влијаеше веста за олабавување на патничките ограничувања воведени своевремено со цел да се сузбие коронавирусот. Благодарение на ова, утрово значително пораснаа цените на акциите во секторите поврзани со туризмот.