Дополнетиот Предлог за ребалансот на Буџетот со измените усвоени во расправата во Собранието на Република Северна Македонија е на дневен ред на денешната 157-ма владина седница.
Во расправата на матичната собраниска Комисијата за финансирање и буџет на предложениот ребаланс на Буџетот за 2019 година беа разгледани 192 амандмани, од кои прифатени се девет.
Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто.
Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.
Целта на Предлог-ребалансот на Буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ).
Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.
Расходната страна на Буџетот е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.
Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити.
Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната
сметка.
Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.
По усвојување на дополнетиот предлог ребаланс во Владата се враќа во Собранието.
На денешната владина седница министрите ќе се изјаснат и за Предлог – закон за енергетска ефикасност, кој на дневниот ред доаѓа како предлог на Министерството за економија.







