Судијата од Врховниот суд Наке Георгиев, кој пред две недели беше избран за член на Судскиот совет, денеска поднесе оставка од функцијата и тоа пред да ја даде свечената заклетва во Собранието.
Причина за ова е тоа што неговиот син, Кирил Георгиев, денеска треба да биде избран за судија како завршен академец на Академијата за судии и јавни обвинители.
Ако неговиот татко, судијата Георгиев, ова утро дадеше заклетва тогаш тоа ќе беше законска пречка тој да почне да ја дели правдата.
Законот за судовите предвидува дека за судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое е во сродство со член на Судскиот совет во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.
Оставката на таткото Георгиев беше причина за одложувањето на положувањето на заклетва што беше закажано за во 9.30 часот утрово по што истото беше презакажано за попладнево, за во 14 часот.
Наке Георгиев, освен денешната негова оставка и изборот на син му за судија, го следат и други контроверзи.
Судскиот совет ја запре дисциплинската постапка против него, еден ден откако го стави за единствен кандидат од Врховен суд за член на Судскиот совет.
На изборите што се одржаа на 13 јули, од 13 судии на Врховниот суд за Георгиев гласаа шест. Еден од шесте гласа беше неговиот, а останатите пет беа од неговите колеги од судот. Другите гласачки ливчиња беа неважечки.







