Драматичен пад на продажбата на електрични возила во Германија

LinkSense.mk

Повеќегодишниот бум во продажбата на електрични возила на германскиот пазар веројатно се ближи кон крајот.Растот на цената на електричната енергија и повлекувањето на државните стимулации не се единствените причини.

Германскиот експерт за автомобилска индустрија, Фердинанд Дуденхофер, следната година очекува драматичен пад на продажбата на е-возила на 362.000, од ​​720.000 единици во 2022 година. Тоа ќе значи и преполовување на пазарниот удел на новите е-возила, од 27,8 на 14 отсто.

„Клучни фактори за падот на продажбата се повлекувањето на дел од субвенциите за нови возила и енормното поскапување на струјата“, изјави Дуденхофер.

Центарот за автомобилски истражувања, пак, предвидува продажба на 484.000 нови електрични возила, со пазарен удел од 21,3 отсто.

Сојузната влада следната година целосно ќе ги укине субвенциите за „plug-in“ хибридите, а за чисто електричните автомобили, сегашните субвенции што се од 7.500 до 9.000, ќе се намалат на 4.500-6.750 евра.

Дополнително, фондот за овие субвенции е заклучен и, според проценката на истражувачкиот центар, ќе се исцрпи на крајот на 2023 година.

Од септември следната година државата ќе ги укине и премиите за службените возила.

„Покрај тоа, цената на струјата од почетокот на годината е речиси тројно зголемена, а поскапува и производството на батерии“, предупредува Дуденхофер.

„За разлика од водечките пазари за е-автомобили, Кина и САД, Германија се бори да го трансформира транспортниот сектор“, додаде експертот.

Тој предлага државата да плаќа премии за иновации подолго од планираното.

Закрепнувањето ќе биде тешко пред 2025 година и со зголемување на производството на литиум-јонски батерии во Европа, со помасовно производство на електрични возила и поевтина струја.