На прв поглед, светската економија изгледа смирувачки отпорна.Америка доживеа процут иако трговската војна со Кина ескалираше.Германија ја издржа загубата на рускиот гас од кој беше зависна, без притоа да претрпи економска катастрофа.Војната на Блискиот Исток не предизвика нафтен шок.Јеменските проирански шиитски бунтовници Хути, кои со проектили и беспилотни летала гаѓаат комерцијални бродови во Црвеното Море, едвај го допреа глобалниот проток на стоки.Како удел во глобалниот БДП, трговијата закрепна од пандемијата и се предвидува дека оваа година ќе бележи поздрав раст.
Меѓутоа, кога работата ќе се разгледа подлабоко, видлива е кревкоста на моменталната ситуација.
После долгогодишно нарушување на поредокот што управува со глобалната економија од Втората светска војна, денес тој е на работ на колапс. Загрижувачкиот број на „предизвикувачи“ би можел да предизвика враќање на анархија, каде што војната повторно се појавува како прибежиште за големите сили. Дури и ако никогаш не дојде до судир, ако тој никогаш не се случи, ефектот од колапсот на сите норми врз економијата може да биде брз и брутален.
Распадот на стариот поредок, како што во својата анализа наведува „Економист“, е видлив насекаде.Санкциите како средство се користат четири пати повеќе отколку во текот на 90-тите – САД неодамна воведоа „секундарни“ казни за субјекти кои ја поддржуваат руската војска.Во тек е војна со субвенции, додека земјите се обидуваат да ја копираат големата државна помош на Кина и Америка за зеленото производство.Иако доларот останува доминантен, а економиите во развој се поотпорни, глобалните текови на капитал почнуваат да се фрагментираат.
Институциите кои бдееја над стариот систем или се веќе мртви или забрзано го губат кредибилитетот.
Светската трговска организација (СТО) следната година ќе наполни 30 години, но поради американското занемарување повеќе од пет години ќе стагнира. ММФ е зафатен со криза на идентитетот, заробен меѓу зелената агенда и обезбедувањето финансиска стабилност. Советот за безбедност на ОН е парализиран…
Наднационалните судови, како што е Меѓународниот суд на правдата, завојуваните и заинтересирани страни се повеќе ги притискаат и ги користат како свое моќно оружје.Минатиот месец, американски политичари, вклучително и Мич Меконел, лидер на републиканците во Сенатот, му се заканија на Меѓународниот кривичен суд со санкции доколку издаде налог за апсење на лидерот на Израел, кого Јужна Африка исто така го обвинува за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.Фрагментацијата и пропаѓањето досега наметнаа скриен данок на глобалната економија – забележлив, ако знаете каде да го барате.За жал, историјата покажува дека се можни подлабоки, похаотични колапси и дека штом ќе почне падот, можат да удрат одеднаш.
Првата светска војна стави крај на златното доба на глобализацијата за која многумина во тоа време претпоставуваа дека ќе трае вечно.Во раните 1930-ти, по почетокот на депресијата и Смут-Хејлиевите царини (се работи за закон со кој е спроведувана протекционистичката трговска политика во САД, со која беа зголемени царините за странски увоз во САД за околу 20 проценти, а најмалку 25 земјите одговорија со зголемување на сопствените царини за американски стоки), американскиот увоз падна за 40 отсто за само две години.Во август 1971 година, тогашниот американски претседател, Ричард Никсон, неочекувано ја запре конвертибилноста на доларот во злато – само 19 месеци подоцна, системот на Бретон Вудс на фиксни курсеви (систем за монетарно управување кој воспостави правила за трговските односи меѓу САД, Канада и западноевропските земји и Австралија и 44 други земји после договорот од Бретон Вудс од 1944 година) се распадна.
Денес, сличен ваков распад се чини и премногу замислив.Евентуалното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа со неговиот апсолутно исклучителен светоглед, би ја продолжило ерозијата на институциите и нормите, смета „Економист“.Стравувањата од втор бран на евтин кинески увоз можат дополнително да го забрзаат.Директната војна меѓу САД и Кина за Тајван, или меѓу Западот и Русија, може да предизвика општ колапс.
Во многу од овие сценарија, загубите ќе бидат поголеми отколку што многу луѓе мислат.
Иако е модерно да се критикува непречената глобализација како причина за нееднаквост, глобалната финансиска криза и занемарувањето на климата, достигнувањата од 90-тите и 2000-тите – најславниот период на либералниот капитализам – се неспоредливи во историјата.
Стотици милиони луѓе побегнаа од сиромаштијата во Кина додека земјата се интегрираше во глобалната економија.Стапката на смртност на новороденчиња во светот е помалку од половина од онаа во 90-тите.Процентот на глобалното население убиено во конфликти на државно ниво достигна најниско повоено ниво од 0,0002 проценти во 2005 година, додека во 1972 година беше речиси 40 пати поголем.Најновото истражување покажува дека ерата на „Вашингтонскиот консензус“ (збир од 10 мерки на економската политика за кои се смета дека претставуваат стандарден пакет реформи кој за земјите во развој погодени од криза го промовираат институции со седиште во Вашингтон – како што се ММФ, Светската банка и Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави), кој денешните лидери се надеваат дека ќе го заменат, беше ера во која сиромашните земји почнаа да уживаат во растот, намалувајќи го јазот со богатиот свет.
Нарушувањето на системот се заканува со забавување на тој напредок или дури и со назадување.Кога еднаш ќе биде скршен, малку е веројатно дека системот ќе биде заменет со нови правила.Наместо тоа, светските работи ќе се вратат во својата природна состојба на анархија која фаворизира бандитизам и насилство.Без доверба и институционална рамка за соработка, на земјите ќе им биде потешко да се справат со предизвиците на 21 век, од ограничување на трката во вооружување, во подрачјето на вештачката интелигенција, па се до соработка во вселената.Проблемите ќе ги решаваат клубови на земји истомисленици.
Ова може да функционира, но често ќе вклучува принуда и гнев, како што е случајот со европските царини за јаглеводороди или кинеската расправија со ММФ.
Кога соработката ќе отстапи место на силно вооружување, земјите ќе имаат помалку причини да го задржат мирот.
Во очите на Комунистичката партија на Кина, рускиот претседател Владимир Путин и другите циници, системот во кој силата е секогаш во право не би бил ништо ново.Таквите актери либералниот поредок не го препознаваат како спроведување на возвишени идеали, туку како манифестација на сурова американска моќ – сила која сега е во релативно опаѓање.
Вистина е дека системот воспоставен после Втората светска војна воспостави врска помеѓу американските интернационалистички начела и нејзините стратешки интереси.
Сепак, либералниот поредок донесе огромни придобивки за остатокот од светот. Многу сиромашни во светот веќе страдаат од неспособноста на ММФ да ја реши кризата на државниот долг што уследи по пандемијата од Ковид-19. Земјите со среден приход, како Индија и Индонезија, кои се надеваат дека ќе ги искористат приликите создадени од расцепканоста на стариот поредок на нивниот пат до богатството, на крајот ќе се потпрат на тоа дека глобалната економија ќе остане интегрирана и предвидлива. А, просперитетот на поголемиот дел од развиениот свет, особено на малите, отворени економии, како што се Велика Британија и Јужна Кореја, во целост зависи од трговијата. Поттикната од силниот раст во САД, на некои може да им се чини дека светската економија може да преживее се што ќе и се сервира. „Економист“ заклучува помалку мрачно и предупредувачки и вели дека – не може.







