Втора последователна „атмосферска река“ ја погоди вчера Калифорнија, а објавено е и првото предупредување за ветрови со ураганска сила во таа држава.Терминот го опишува систем кој носи огромни количини на влага.
Најнаселената американска сојузна држава се подготвува за период на обилни врнежи и прекини на електричната енергија за речиси 800.000 луѓе, а 97% од населението на Калифорнија се соочува со можни поплави.
Циклонот бомба може да исфрли неверојатни 8 трилиони галони врнежи на Калифорнија.
Невремето поплави улици и урна дрвја и далноводи во заливот Сан Франциско, а ветрот на места достигна брзина од 96 километри на час.
Во планинското подрачје ударите на ветрот достигнаа 128 километри на час.
Пред малку споделено видео од Лос Анџелес прикажува драматично слетување на авионот во страшни временски услови.
Во јужна Калифорнија властите предупредуваат на потенцијално разорни поплави и наредија евакуација на жителите од кањоните бидејќи им се заканува опасност од надојдените реки.
Националната метеоролошка служба во Лос Анџелес соопшти дека сите системи се подготвени за „еден од најдраматичните временски денови“ во последно време.
Една продавница за земјоделски и градинарски работи во Санта Барбара, каде што ситуацијата е исто така драматична, ги распродаде вреќите со песок и сега наместо тоа нуди земја за цвеќе и вештачко ѓубриво.
„Се предвидува дека оваа бура ќе биде една од најголемите и најзначајните во историјата на нашиот округ, а нашата цел е да помине без смртни случаи или потешки повреди“, им рече на новинарите началникот на полицијата во округот Санта Барбара, Бил Браун.
Денеска, наставата беше откажана во училиштата низ областа, која беше опустошена од одроните кои ги предизвика силната бура во 2018 година.
Предупредување од можноста за појава на торнадо е издадено за подрачјето на Сан Франциско.
Последен пат Центарот за предвидување бури издаде такво предупредување во февруари 2015 година.
Најновата бура „Ананас експрес“ во саботата стигна на брегот на Северна Калифорнија. Метеоролошка служба вчера издаде предупредување за ветер со голема моќ за средишниот дел од брегот на Калифорнија, со можни удари на ветрот до 150 километри на час, од полуостровот Монтереј до северниот дел на округот Сан Луис Обиспо.
Наредбите и предупредувањата за евакуација се во сила за планинските и кањонските области во окрузите Монтереј, Санта Барбара, Вентура и Лос Анџелес.
Надзорничката на округот Лос Анџелес, Линдзи Хорват, ги повика жителите во близина на кањоните Топанга и Соледад да ги послушаат наредбите и да излезат пред можните одрони од кал.
„Ако веќе не сте заминале, соберете го семејството, вашите миленици, земете ги лековите и бегајте“, рече Хорват на неделниот брифинг.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, вчера прогласи вонредна состојба во окрузите Лос Анџелес, Оринџ, Риверсајд, Сан Бернардино, Сан Диего, Сан Луис Обиспо, Санта Барбара и Вентура.
Метеоролошката служба предвидува до 20 сантиметри врнежи од дожд во крајбрежните и долинските области на Јужна Калифорнија и можни 35 сантиметри во подножјето и планините.
Обилни до умерени врнежи од дожд се очекуваат во Јужна Калифорнија до вторник.
(Фото: Илустрација)