ДРЕВНА КИНЕСКА ВЕЛИЧЕСТВЕНОСТ: „Градот на лавовите“, со години заборавен на дно на езеро, сега е отворен за туристи

LinkSense.mk

Потопен на длабочина од 40 метри, на дното на алумулациското езеро Киандао во Кина, се наоѓа целосно зачуван град кој научниците го нарекуваат „кинеска Атлантида“.

Градот Ши Ченг (Градот на лавовите) се наоѓа на истокот на Кина, пренесува порталот на „Индипендент“, „Инди 100“.

Повторно беше откриен од кинески истражувачи во 2001 година, кога кинеските власти организираа експедиција за да утврдат што останало од изгубената метропола.

Градот на лавовите е совршено зачуван и по 53 години под вода, а во 2017 година е отворен за туристи.

Но, каква е историјата на градот и како тој завршил под вода?

Се претпоставува дека Ши Ченг бил изграден за време на династијата Хан во периодот помеѓу 25 и 200 година од нашата ера.

Некогаш бил политички и економски центар на источната провинција Жеџијанг и во него се наоѓало регионалното седиште на владата.

Ши Ченг, стар повеќе од илјада години, беше потопен кога во 1959 година кинеската влада одлучи да ја доврши хидроелектраната на реката Син, заради што беше поплавен древниот град кој заврши под големото акумулациско езеро.

Притоа, раселени беа повеќе од 300.000 жители.

Речиси 53 години беше заборавен. Градските ѕидини, за кои се верува дека датираат од 16 век, имале пет влезни порти, за разлика од традиционалните четири што ги карактеризирале старите кинески градови.

Широките градски улици имаат 265 сводови премини со камени ѕидови на кои се врежани змејови, феникси и лавови.

Но, древниот град е зачуван како временска капсула од периодот кога бил поплавен.

Со оглед на тоа што водата што се користела за потопување не содржела ништо корозивно, градот е зачуван во совршена состојба.

Иако до средината на 20 век функционирал како град, Ши Ченг сè уште не во целост мапиран.

Денес нуркачите постепено ја проучуваат секоја зграда, структура, секој лак и секој пат, за да добијат целосна слика за тоа како изгледал градот.

Туристите и посетителите можат да го видат градот како дел од подводни екскурзии, но мора да имаат сертификат за напреден курс за нуркање.