Машки чорапи, влажни шамивчиња, козметики производи, аутан, спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал и јајца од јапонска потполошка, напитоци од соја, гумени бонбони, свежа риба лосос и лаврак, сувомесни производи, овошје, ф’стаци и други јаткасти производи, се дел од продуктите кои ги купувала Слободанка Алексовска, поранешната раководителка на Центарот за вработување на Скопје при Агенцијата за вработување, информираше денеска на прес-конференција директорката на Агенцијата, Билјана Јовановска.
„Спротивно на Правилникот за користење на службени моторни возила, Алексовска користела две службени возила надвор од работното време, по 16 часот и 30 минути и за време на викенди, кога користела слободни денови и за годишен одмор. Од буџетот на Агенцијата, Алексовска трошела средства за патарини и паркинг услуги. Исто така, за угостителски услуги направила повеќе сметки во износи над 6.000 денари во доцните вечерни часови и во саботите и неделите“, рече Јовановска.
Од буџетот на оваа институција Алексовска во 2016 година потрошила 429.597 денари (околу 7.000 евра), а за првата половина од оваа година 116.625 денари (околу 2.000 евра) за свои лични и семејни потреби од маркети, молови, аптеки и слично.
„Сето ова покажува какви неодговорни лица раководеле со Агенцијата за вработување на Република Македонија во изминатиот период и како злоупотребувале државни средства, пари од граѓаните за свои лични потреби и задоволства, оставајќи зад себе хаос, штета, безредие и поттикнувајќи беззаконие. Законот важи за секого и секој што ќе се огреши ќе сноси одговорност“, рече Јовановска.
Како доказ за овие тврдења Јовановска приложи фотокопии од фискални сметки.
Алексовска е суспендирана од работното место раководител на Центар за вработување на Град Скопје и е донесена е одлука за поведување на дисциплинска постапка која ќе продолжи по завршувањето на изборите. Во тек е комплетирање на документација неопходна за поднесување кривична пријава за сторени кривични дела од страна на Алексовска за злоупотреба на службената положба и овластувања и нанесување штета на имотот и буџетските средства на Агенцијата за вработување.
Јовановска нагласи дека ревизија за годините пред 2016 година се уште не е направена и дека ќе се преземат мерки за да се истражи целосно работењето на Агенцијата и на сите раководители во тој период и вети чесно работење и целосно почитување на позитивните законски прописи на земјата.
Поранешната директорка на Агенцијата за вработување на Град Скопје Слободанка Алексовска поднесе приговор до Антикорупциска во којшто навела дека на 12 овој месец била суспендирана од работа, дека претходно против неа била поведена дисциплинска постапка и дека била поставена на работно место пет нивоа пониско.







