Духот на Мусолини сè уште лебди над Рим

LinkSense.mk

Сто години откако Бенито Мусолини ја приграби власта во Рим, неговата фотографија и понатаму виси во официјалната резиденција што ја користат италијанските премиери како болен доказ дека Италија сè уште не ги тргнала остатоците од своето фашистичко наследство.

За разлика од Германија, која од Втората светска војна систематски го отстранува секој симбол на нацизмот на Адолф Хитлер, Италијанците се многу помалку желни да ги избришат трагите на диктаторот кој владееше 21 година.

Спомениците на Мусолини се уште се присутни на некои места во Рим, а грбовите на неговата фашистичка партија и денес ги „красат“ капаците на шахтите.

„Германија има минато кое никогаш не исчезнува. Тие никогаш не го забораваат холокаустот или Хитлер“, вели британскиот историчар Пол Корнер, кој во септември ја објави книгата „Мусолини во митот и сеќавањето“ за трајната носталгија на Италија за фашизмот.

„За Италија, минатото едноставно не е проблем. Никој не бара да се отстранат овие споменици на фашизмот. Тие едноставно се ‘вклопуваат’“, рече тој.

Во Италија, оваа недела се одбележуваат 100 години од маршот на Мусолини во Рим, каде што ја презеде власта и кралот, за да избегне крвопролевање, одлучи да му даде мандат да формира влада.

Годишнината се совпаѓа со полагањето заклетва на најдесничарската нова италијанска влада од Втората светска војна, предводена од Џорџија Мелони, лидер на Браќата на Италија, партија која израсна од постфашистички корени.

Мелони во младоста го фалеше Мусолини, од кого сега се огради, па во вторникот во обраќањето пред парламентот рече дека „никогаш не била приврзаник на фашизмот“ и ги осуди расистичките, антиеврејски закони од 1938 година, велејќи дека тие беа моментот кога Италија падна на најниската точка во својата историја.

Рим е град кој простува

За разлика од уништената германска престолнина Берлин, Рим и неговата фашистичка орнаментика се релативно недопрени по Втората светска војна.

Кога сојузниците го превзедоа градот во 1944 година, фотографиите и симболите во чест на „Ил Дуче“ беа отстранети, но голем дел од нив останаа недопрени.

И денес пред Олимпискиот стадион во Рим има обелиск на кој е испишано името на Мусолини, а споменикот на Мусолини во модернистичкиот кварт Еур, кој фашистите го изградија за да ја прослават 20-годишнината од походот на Рим, исто така не е отстранет.

Десетици илјади Римјани биле вработени во јавните служби во времето на фашизмот, но тие воопшто не пружале отпор или пружале само помал отпор, а после војната не почувствувале потреба да го избришат тоа минато.

„Рим е град што простува“, вели Алдо Казуло, автор на книгата „Мусолини, водач на бандата“ (Mussolini, il capobanda), објавена во август.

Книгата расветлува злосторства на фашизмот кои, според Казуло, биле „измиени“, минимизирани или едноставно заборавени низ децениите.

„Ние Италијанците имаме лажна, искривена идеја за Мусолини. Се ослободивме самите себе од секаква вина за фашизмот. Си кажавме сами на себе фиктивна приказна за минатото“, рече тој.

Британскиот историчар Корнер проценува дека 500.000 Италијанци загинале поради катастрофалната одлука на Мусолини да склучи пакт со Хитлер, а меѓу жртвите имало околу 7.700 италијански Евреи испратени во нацистичките логори на смртта.

„По војната, Италија се претстави како недолжна жртва на фашизмот, но диктатурата не може да опстане без согласност и соучесништво на народот“, вели Корнер.

Околу Рим има помали споменици на жртвите на фашизмот, но ниту еден на жртвите од катастрофалната кампања Италија да се изгради како нова империја, во која, на пример, беа убиени стотици илјади Етиопјани.

Имињата на улиците сè уште ги глорифицираат таквите колонијални операции, како што е на пример „Виа Амба Арадам“, според битката во 1936 година, кога фашистичките сили употребиле боен отров против етиопските војници, убивајќи илјадници.

Антифашистите ја загубија културната битка

Последниве години, демонстрантите во Британија ги рушеа симболите на расистичкото колонијално минато, а во САД спомениците на Конфедерацијата, кои се сметаат за израз на величење на белата раса.

Не се очекува дека ваквата историска ревизија може да ја зафати Италија.

„Антифашистите ја загубија културната битка“, вели Казуло и оценува дека многумина сметаат дека ова е исклучиво прашање на левицата, па затоа повеќето луѓе не ги интересира.

Потегот што го направи министерот за индустрија овој месец кога ја отстрани фотографијата на Мусолини изложена во просториите на министерството, новоизбраниот претседател на Сенатот, Игнасио Ла Руса, ја критикуваше одлуката.

Ветеранот на крајната десница кој собира фашистички сувенири рече дека фотографијата на Мусолини виси и во Министерството за одбрана и праша: „Ќе ја отстраниме ли и културата?“.

„Ако фотографијата виси некаде со години, не ми е јасно зошто сега треба да се отстрани. Што се смени во однос на минатата година?“, праша тој.