Европскиот парламент го потврди универзалниот полнач

LinkSense.mk

На пленарната седница во средата, Европскиот парламент усвои став за универзален полнач за мобилни телефони и други уреди, и со тоа го отвори патот за преговори со земјите-членки за конечна форма на закон што треба да им го олесни животот на потрошувачите и да го намали електронскиот отпад.

Со законот се предлага сите помали електронски уреди да бидат опремени со УСБ-Ц влез без разлика кој го произведува уредот, а единствен исклучок се уредите чии димензии се премали за овој влез, како што се паметни часовници, уредите за следење на здравјето и извесна спортска опрема.

Новите правила, исто така, ќе го принудат американскиот производител „Ејпл“, кој дава најголем отпор за универзалниот полнач, да го редизајнира својот „Ајфон“, кој не може да се полни со полнач направен за најчесто користените Андроид производи.

ЕП сака да воведе и обврска за означување на производот со посебни етикети од кои потрошувачите ќе можат да дознаат повеќе детали за полнењето и дали купуваат уред со полнач.

Со овој потег, сметаат пратениците, би се избегнале забуни при купување уреди и непотребно акумулирање на полначи кои потрошувачите главно веќе ги имаат дома.

Алекс Салиба, европратеник од редовите на социјалистите и известувач на Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите (IMCO), рече дека потрошувачите не користат еден од три полначи изнесени на пазарот.

Смета и дека универзалниот полнач ќе помогне да се постигнат целите на Зелениот план, да се заштедат пари и да се намалат непотребни трошоци и проблеми и за потрошувачите и производителите.

Со половина милијарда полначи за преносливи уреди кои се испорачуваат во Европа секоја година, а кои ‘произведуваат’ од 11.000 до 13.000 тони е-отпад, единствениот полнач за мобилни телефони и други помали електронски уреди би бил од корист за сите“, рече Салиба.

За да се задржи чекорот со новите технологии, европратениците предлагаат Комисијата да ги усогласи решенијата за безжично полнење и во законодавството да ги вклучи најсоодветните технологии или релевантните стандарди до 2026 година.

Покрај големите придобивки за граѓаните, со воведувањето на универзален полнач се предвидува и намалување на електричниот отпад, кој, според Евростат, во Европската унија се рециклира само за 40 отсто.

Според проценките овој закон на граѓаните на Унијата може да им заштеди до 250 милиони евра годишно, а со намалување на производството и отстранување на нови полначи, количината на е-отпадот би се намалила за речиси илјада тони годишно.

Парламентот повеќе од 10 години се залага за универзален полнач за преносни уреди.

Иако некои компании воведоа доброволни иницијативи кои го намалија бројот на типови полначи, тоа беше недоволно за да се постигнат целите на ЕУ за намалување на електронскиот отпад.

Европската комисија претстави предлог за универзален полнач во септември 2021 година. Сега кога Парламентот го финализираше своето мислење, можат да започнат преговори со земјите од ЕУ за конечната форма на законот.

Има проценки дека ќе бидат потребни повеќе од две години за целосно спроведување на законот, бидејќи мора да се обезбеди доволно време за прилагодување на производителите, а и за негово вградување во националните законодавства.