Египет планира раст од 5 отсто во новата година

Стопански пораст од дури пет отсто планира Египет за фискалната 2017/2018 година, соопшти денес египетското Министерство за финансии додека владата соочена со политичка и безбедносна нестабилност сака да ја оживее својата економија.

Властите во Каиро се соочуваат со сериозна стопанска криза уште од 2011 година кога беше побуната против претседателот Хосни Мубарак што доведе до пад на приходите од туризмот, смалување на инвестициите и пораст на стапката на невработеност.

Египет во ноември доби заем од 12 милијарди долари (11 милијарди евра) од Меѓународниот монетарен фонд.

Министерството за финансии денес наведе дека сака да ги продолжи структурните реформи за да ги поддржи производствените сектори, посебно индустријата и извозот со цел привлекување на нови инвестиции.