Еден загинат во пожар во Куманово

LinkSense.mk

Едно лице го загуби животот во пожар што денеска околу 15 часот избувна во стовариште за градежен материјал во Куманово. Несреќата се случила, информираат од противпожарната служба, кога тој се обидел да го изгасне пожарот.

„На местото на настанот беа две екипи од противпожарната единица, со шестмина пожарникари. Огнот зафатил канцелариски простории. Во пожарот настрадал човек. Најверојатно дошло до задушување и човекот починал. Кога нашите екипи пристигнаа на местото, човекот беше веќе починат, изјави командирот на Противпожарната единица од Куманово, Дејан Илиевски.

Причините што довеле до избувнување на огнот засега не се познати. Стручни лица од СВР Куманово вршат истрага на местото на настанот.