Едштадлер порача: Македонија мора во ЕУ

Австрија бара од Бугарија да ја тргне блокадата кон Македонија и земјава да ја одржи првата меѓувлададина конференција со ЕУ за време на португалското претседателство, што завршува на 1 јули.

Австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер нема разбирање дека Софија и натаму блокира, апелирајќи до Бугарија овој отпор да го заврши.

Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров е оптимист дека оваа ќе биде година на заеднички успех со Бугарија и оти доколку се покаже мудрост од двете страни, прашањето би можело да се реши за неколку месеци.

Овие пораки беа пренесени вчера на заедничката прес-конференција на австриската министерка Едштадлер со вицепремиерот Димитров, кој е во посета на Виена, како дел од неговата турнеја низ главните градови на земји членки на ЕУ.

„Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Се што е одложување понатаму ќе не остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира“, рече Едштадлер.

Таа посочи дека земјава дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, потсетувајќи дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.

„И понатаму останува на врвот на агендата и во Советот и на ниво на министрите за надворешни работи да се реши оваа блокада. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела“, истакна
Едштадлер.

Тој вакуум, додаде Едштадлер, ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија.

„На Западниот Балкан сакам да го постигнеме спротивното и особено Северна Македонија да ја вклучиме во идната конференција. Западниот Балкан припаѓа во Европа. Се додека Западноиот Балкан се гледа како член и дел од европската перспектива и ЕУ нема да биде комплетна без него“, истакна Едштадлер.

Вицепремиерот Димитров, од своја страна, се заблагодари за гласната, принципиелна, пријателска и континуирана поддршка од Виена за европската иднина на целиот Балкан.

„Нашиот пат кон ЕУ е посебно трнлив. Нашиот заеднички пријател и Ваш колега со кого ќе се видам после оваа прес-конференција, министерот Шаленберг, еднаш во Скопје кажа: „Тоа е како Тур д’Франс: има многу етапи, и патот е долг, но не треба да има дилеми кој треба да стои на почетокот на трката“ и затоа и денес со Каролине согласивме, стартот на овој маратон и трката по европските начела и стандарди, веќе не смее повеќе да се одложува“, посочи Димитров.

Димитров подвлече дека како 16 години земја-кандидат и 20 години во процесот на стабилизација и асоцијација, навистина е време да го почнеме пристапниот процес.

„Како нација, направивме многу, но зеленото светло од март минатата година почна да трепка со последниот предизвик со нашиот источен сосед. Ќе биде многу важно за нашите македонски граѓани, но и за граѓаните од целиот Балкан, за да можат да веруваат на зборовите од Европа и одлуките на Европскиот совет, да видат реално поместување напред во оваа календарска година и ние ќе направиме сѐ што можеме тоа да го обезбедиме и работејќи на решение на билатерални прашања, но мислам дека не смееме да дозволиме пристапниот процес да стане заложник на билатерални прашања посебно кога тие прашања не се на линија со европските вредности“, потенцира Димитров.

Тој оцени дека наши најголеми поддржувачи треба да бидат нашите соседи, бидејќи тие имаат најголем интерес од една европска, блиска, предвидлива Македонија.

„Убеден сум дека за да бидете блиски мора да го почитувате другиот, и тоа почитување секако вклучува дека идентитеските прашања и прашањето за Македонците, за македонскиот јазик се прашања за македонскиот народ“, рече Димитров.

По конституирањето на Парламентот во Софија, посочи Димитров, нам ни треба еден вид стратешко трпение да видиме да се формира тамошната Влада.

„Излегувањето на процесот од шините не ни е во интерес ниту нам, ниту на Бугарија, ниту на регионот, ниту на Европската Унија. Ќе работиме на тоа, ќе растеме заедно, немаме многу време на Балканот“, рече Димитров.

Според него, влогот е многу голем, и, како што рече, европска Бугарија и европска Македонија и регионот, ако сме мудри, можеме да прогласиме заеднички успех дали за неколку месеци, во секој случај во оваа година, бидејќи успехот е стратешки императив оваа година и за ЕУ и за нашиот регион.

„Не може државите да признаваат јазици. Прашањето на јазиците е прашање на самоопределување и е многу внатрешно прашање. И во таа смисла не е на линија на Лисабонскиот договор и на Повелбата на ЕУ за основни права ако било која земја членка на една европска нација можеби мала, но важна, во 21 век да прашува, предизвикува дали нашиот јазик е наш јазик, или не е наш јазик. Македонскиот јазик беше официјален јазик и во поранешна Југославија, тој е признаен и во ОН и тоа е прашање за нас. Пријателството мора да подразбира почитување на достоинството на другиот. Ама ќе стигнеме и до таму“, заклучи вицепремиерот Димитров.

По средбата со австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, Димитров нагласи дека прашањето за отпочнување на преговорите на земјата за полноправно членство во ЕУ има силни геополитички импликации за Унијата како проект за европско обединување.

Тој укажа на загриженоста за негативното влијание на секое понатамошно одолговлекување на пристапните преговори врз кредибилитетот на ЕУ во регионот, а со тоа и на улогата на Унијата како глобален актер.

„Ова е клучен момент за постигнување чекор напред во евроинтегративниот процес на Северна Македонија со ЕУ што би значело и преточување на интересот на Австрија – како непосреден сосед на регионот на Западниот Балкан, во конкретен резултат базиран на објективно вреднување на копенхашките критериуми“, изјави
Димитров.

 

(Фото: МИА)